Премиерот Заев на седницата за пратенички прашања објави бришење на каматите на долгови на граѓаните кон јавните и државни претпријатија: Апелирам Парламентот да ги усвои законите

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, во попладневниот дел од собраниската седница за пратенички прашања, ги повика пратениците, да ги поддржат законските решенија за бришење на каматите на долговите што ги имаат граѓаните кон јавните претпријатија, институции, органи, за што изрази надеж дека во следните денови би можеле да бидат испратени со Парламентот на усвојување.

„Работиме на законски решенија што верувам ќе успееме до утре да ги заокружиме, за да можеме да ги објавиме, сабота Владата се надевам дека ќе ги прифати и однапред замолувам, за самите решенија, до Парламентот, со будно око да ги усвои законските решенија“ порача премиерот Заев.

Тој објасни на што се однесуваат законските решенија.

„Се работи за законски решенија за бришење на каматите на граѓаните по долговите и другите трошоци што ги имаат, кај сите јавни институции, јавни претпријатија институции, државни институции и установи, органи... Се работи за трошоци, обврски, што граѓаните ги имаат за вода, за смет, за канализација, пазари, за вода по полињата, за станбени прашања, здравствени услуги...

Целта е на овие законски решенија е да ги избришеме каматите до крај и да им дадеме на граѓаните на рати да си го платат само главниот долг“, соопшти премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев, објасни што содржат работните верзии на овие законски решенија во однос на ратите, на коишто ќе имаат можност граѓаните да си ги платат главните долгови.

„Верувам дека голем дел од граѓаните сакаат да си го платат главниот долг, но каматите што често се поголеми од главниот долг и сите трошоци внатре, и да сакаат, немаат од каде да го направат тоа.

Ќе им скинеме на граѓаните едно големо бреме, тоа е иницијатива којашто доаѓа од вас, ние го формиравме во форма на закон, утре, би требало да го објавиме во детали и Владата ќе го пушти до Парламентот. Апелирам до сите, се работи за сите граѓани, за сите граѓани подеднакво ќе важи“, додаде премиерот Заев.

Тој рече дека во предлог решенијата се дава препорака и до приватните компании, за вакви репрограмирања.

За потегот, рече дека е зборувано е со сите страни, доверителите и разни експерти и дека тој ќе ја релаксира состојбата кај граѓаните од социјален аспект.
„Со самиот закон, на денот на донесување на законот стапува на сила самиот закон и извршните постапки прекинуваат во истиот момент“, додаде премиерот Заев.  
Тој соопшти дека се разработува варијанта и за долгови на граѓани кон извршителите.

„Сето ова ќе биде од огромна помош за граѓаните“, порача до пратениците, премиерот Зоран Заев, на собраниската седница за пратенички прашања.