Mесечен надоместок за уште 1.000 стечајци до пензионирање, за две и пол години решивме вкупно 12.000 стечајни работници

Собранието на Република Северна Македонија, денеска на предлог на Министерството за труд и социјална политика ги изгласа најновите измени и дополнувања на Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата во доминантна државна сопственост. Законот стапува на сила со објавувањето во Службен весник на Република Северна Македонија  и  ги повикуваме стечајните работници од петок да поднесуваат барања во Центрите за вработување за да може да го остварат правото на користење на месечен надоместок од околу 8.000 денари.

Со последните измени опфатот на стечајни работници коишто ќе бидат материјално обезбедени до нивно пензионирање се проширува на уште 1.000 лица, со што  вкупната бројка на материјално обезбедени стечајци коишто ги реши оваа Владата за две и пол години е 12.000. Како за споредба, претходната власт за вкупно 11 години владеење успеа да реши само 4.000 стечајни работници.