Средба на премиерот Спасовски со албанскиот амбасадор Река: Заложби за натамошен економски развој, добрососедски односи, НАТО и ЕУ перспективи на државите и регионот

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски се сретна со Фатос Река, амбасадорот на Република Албанија во нашата држава.

На средбата е изразена заедничка определеност за натамошен развој на пријателските односи помеѓу двете држави, како придонес и кон добриот регионален развој и во духот на европските вредности.

-Остануваме посветени на одржувањето на мирот и стабилноста во нашата држава и во регионот, на развојот на добрососедските односи како со Република Албанија така и со сите други соседи, на развојот на концептот Едно општество за сите со еднакви права и одговорности на граѓаните од сите етнички заедници, на реформите, на развојот на економијата и на НАТО и на ЕУ интеграциите, коишто за нас немаат алтернатива, рече премиерот Спасовски. 

На средбата е констатиран напредок во односите помеѓу Република Северна Македонија и Република Албанија, во областите значајни за граѓаните, како што се заложбите за побрз проток на луѓе, материјални добра, поефикасни услуги на граничните премини и интензивирањето на економската соработка. Заеднички е констатирано дека е неопходно, паралелно со заложбите и очекувањата на секоја од државите за исчекори во евроинтеграциите, да продолжи и регионалната економска соработка што е во директен интерес на сите граѓани во регионот. 

Исто така оценето е дека политиките на отворени врати на НАТО се придонес кон регионалната стабилност и безбедност. 

На средбата, премиерот Спасовски изрази подготвеност за дополнителна поддршка на Албанија во справувањето со последиците од земјотресот на 26 ноември 2019 год. во Драч. Амбасадорот на Република Албанија, Река, изрази благодарност за брзата реакција на нашата држава во испраќањето луѓе и материјална помош, веднаш по земјотресот во Албанија и пренесе покана од премиерот Еди Рама за организираната донаторска конференција од страна на Европската Комисија во Брисел на 17 февруари 2020 година со цел, колку што е возможно, надминување на состојбите од земјотресот.