ЈАВЕН ПОВИК за реализација на Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2020 година - енергетска ефикасност

Институција која огласува: 
Влада на Република Северна Македонија - Генерален секретаријат
Рок на пријавување: 
31.01.2020

Врз основа на член 39 став 2 од Законот за Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија”, бр.59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и “Службен весник на Република Северна Македонија”бр.98/19) Владата на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат, објавува:

ЈАВЕН ПОВИК
за реализација на Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2020 година - енергетска ефикасност

I. ПРЕДМЕТ

Предмет на овој јавен повик е реализација на средствата утврдени со Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2020 година („Службен весник на Република Македонија" бр.277/2019) (во понатамошниот текст: Програмата), дел II став 1, преку утврдување на потребата за спроведување на мерки за намалување на аерозагадувањето и намалување на високите концентрации на PM10 и PM2.5 со подобрување на енергетската ефикасност, преку замена на прозорци и врати (столарија), реконструкција на кров и фасада , во градинки, основни и средни училишта, здравствени објекти и административни објекти во најзагадените градови во Република Северна Македонија.

II. ПРАВО НА УЧЕСТВО

Право на учество на јавниот повик имаат:
• градовите/општините на територија на Република Северна Македонија, кои имаат високо ниво на аерозагадување, односно висока концентрација на РМ10 и РМ2.5, согласно податоците од мерните станици на Државниот автоматски мониторинг систем во Република Северна Македонија за 2019 година
• градовите/општините на територија на Република Северна Македонија кои немаат мерни станици во рамките на  Државниот автоматски мониторинг систем во Република Северна Македонија 

III. ДОКУМЕНТАЦИЈА КОЈА УЧЕСНИКОТ НА ЈАВНИОТ ПОВИК Е ДОЛЖЕН ДА ЈА ДОСТАВИ

Учесниците на јавниот повик за реализација на Програмата се должни да достават:
- Пополнето барање за јавен повик за реализација на Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2020 година;

- Извештај за нивото на PM10 и PM2.5  концентрации за 2019 година  согласно податоците од мерните станици на Државниот автоматски мониторинг систем (за градовите/општините на територија на Република Северна Македонија, кои имаат мерна станица во рамките на Државниот автоматски мониторинг систем во Република Северна Македонија

- Детално разработен преглед на број на градинки, основни и средни училишта, здравствени објекти и административни објекти , како и проект за истите кои имаат потреба од замена на надворешни и внатрешни прозорци и врати (столарија), како и реконструкција на кров и фасада,

- Податок за број на деца/лица кои престојуваат во градинките или посетуваат настава во основните и средните училишта и број на лица корисници на услугите на здравствените и административните објекти.

IV. НАЧИН НА ДОСТАВУВАЊЕ НА БАРАЊЕТО

Пополнетото барање се доставува во еден оригинален примерок заверен и потпишан од страна на градоначалникот на општината, заедно со потребната документација согласно дел III од овој јавен повик.

Барањето со комплетираната документација се доставува во затворен плик, преку пошта на адреса: Влада на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат, бул.Илинден бр.2, 1000 Скопје или преку предавање во архивата на Владата на Република Северна Македонија, секој работен ден од 8.00 до16.00 часот.

На предната страна на пликот во горниот лев агол да пишува „НЕ ОТВОРАЈ“, а под тоа да стои „За реализација на Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2020 година – енергетска ефикасност“.

Барањата кои нема да ги содржат бараните податоци на овој јавен повик, ќе се сметаат за некомплетни и нема да се разгледуваат.

V. РОК НА ДОСТАВУВАЊЕ НА БАРАЊЕТО

Јавниот повик ќе трае 10 (десет) работни дена од денот на неговото објавување во дневните весници, односно барањата треба да се достават најдоцна до 31.01.2020  година, до 16 часот. Барањата кои нема да бидат доставени во предвидениот рок нема да бидат разгледувани.

VI. ПОСТАПКА И КРИТЕРИУМИ ЗА ИЗБОР НА КОРИСНИЦИ И ОДОБРУВАЊЕ НА БАРАЊЕТО

Постапката за избор на корисниците – градовите за реализација на Програмата за 2020 година, ја спроведува Комисија формирана од страна на Генералниот секретаријат, составена од 5 членови и 5 заменици-членови, и тоа: еден член и еден заменик член од редот на вработените во Влада на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат, еден член и еден заменик-член од редот на вработените во Министерството за животна средина и просторно планирање, еден член и еден заменик-член од редот на вработените во Министерството за финансии, еден член и еден заменик- член од редот на вработените во Министерството за економија,  еден член и еден заменик-член од редот на вработените во Министерството за локална самоуправа.

Комисијата одлучува врз основа на доставените барање и комплетната документација, а согласно следните критериуми:

-    За  Скопје и општини кои имаат мерни станици согласно Државниот автоматски мониторинг систем

 

Критериуми Бодови
1. Број на денови со надминување на концентрациите на  PM10 и PM2.5 над среднодневни гранични вредности за 2019 година

30

2. Висина на просечна годишна концентрација на PM10 и PM2.5 20
3. Број на деца/лица кои престојуваат во градинките или посетуваат настава во основните и средните училишта и број на лица корисници на услугите на здравствените и административните објекти 20
4. Детално разработен преглед на градинки, основни и средни училишта, здравствени објекти и административни објекти, како и проект за истите кои имаат потреба од воведување на енергетски ефикасни системи, а кои користат исклучиво нееколошки начин за греење 30
Вкупно бодови 100

 

- За општини кои немаат мерни станици согласно Државниот автоматски мониторинг систем

Критериуми Бодови
1. Број на деца/лица кои престојуваат во градинките или посетуваат настава во основните и средните училишта и број на лица корисници на услугите на здравствените и административните објекти 50
2. Детално разработен преглед на градинки, основни и средни училишта, здравствени објекти и административни објекти, како и проект за истите кои имаат потреба од воведување на енергетски ефикасни системи, а кои користат исклучиво нееколошки начин за греење 50
Вкупно бодови 100

VII. ВИСИНА НА ФИНАНСИСКИТЕ СРЕДСТВА ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА ОПРЕМА

Поддршката за намалување на аерозагадувањето ќе се врши од предвидените средства во дел IV од Програмата, преку подобрување на енергетската ефикасност (замена на столарија, реконструкција на кров и фасада), а во согласност со дел IV, точка 3. Доделувањето на средства за подобрување на енергетската ефикасност, ќе биде согласно изготвената ранг листа од страна на Комисијата за евалуација, но не повеќе од 100.000 евра во денарска противвредност, по општина корисник. При поднесување на документацијата потребно е општините да ги наведат проектите по приоритет. Во случај на еднакви бодувања на проектите од страна на Комисијата, распределбата на средствата ќе биде пропорционална.

VIII. ПРИЛОЗИ НА ЈАВНИОТ ПОВИК

Барањето е составен дел на Јавниот повик и може да се обезбеди во електронска верзија преку интернет-страницата на Владата на Република Северна Македонија: https://vlada.mk

IX. ДОПОЛНИТЕЛНИ ИНФОРМАЦИИИ

За дополнителни информации барателите може да се обратат до Владата на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат, на телефон 02/3118-022.

Пропратни документи: