Премиерот Спaсовски во обиколка на новата операциона сала на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија: Вложуваме во човечкиот потенцијал и во обезбедување квалитетно и модерно здравство за сите граѓани

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, придружуван од заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи и министерот за здравство, Венко Филипче, присуствуваше на пуштањето во употреба на новата операциона сала на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.

„Останува определбата и во буџетската 2020 година, покрај во материјално-технички средства, да вложуваме и во човечки потенцијал. Со самото тоа што се зголемија многукратно платите за повеќе проценти на лекарите и здравствените работници и она што беше наша задача на Универзитетските клиники, платата за лекар да достигне 100.000 ден и да се зголемат платите на медицинските сестри и на вработените, генерално придонесува да јакне мотивацијата и да се вложат максимално да помогнат на државата и на граѓаните, истакна премиерот Спасовски.

Спасовски истакна дека и во наредниот период продолжува спроведувањето на политики кои овозможуваат квалитетно и модерно здравство за сите граѓани во Република Северна Македонија.

Притоа тој додаде дека останува определбата на Владата да ги подобрат условите за мотивирање на медицинскиот персонал да остане и оние што заминале да се вратат во нашата земја.

„Ќе кажам уште еден куриозитет. Успеавме на оваа Клиника да вратиме еден врвен експерт кој што беше замина и работеше во Обединетите Арапски Емирати и гледајќи ги овие процеси сакаше да се врати назад и да придонесе со својата експертиза за да биде дел повторно од Клиниката за торакална и васкуларна хирургија“, рече министерот Филипче, информирајќи дека според анкетите над 60 проценти од студентите кои што се на завршната година на медицинскиот факултет имаат желба и иднината ја гледаат овде во земјата.

Директорот на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија, Неџати Јакупи информираше дека новата операциона сала е една од најсовремените операциони сали во нашата држава и регионот и ги исполнува највисоките стандарди за пружање на квалитетна здравствена услуга на граѓаните.  

Присутните констатираа дека денешната обиколка на современата операциона сала покажува дека успешните проекти се можни, а тоа го докажува и фактот што во изминатите две години се реконструирани 15 одделенија и медицински објекти и уште еднаш беше повторена поддршката сите клиники да инвестираат во инфраструктурата каде што е најпотребно.