Премиерот Спасовски на состанокот со генералната секретарка на ЕЗП Мар Гарсија Санс: Одлуката на Европските зелени да го одржат годишното собрание во нашата земја е признание за нашите политики за животната средина

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски денеска ја прими генералната секретарка на Европската зелена партија Мар Гарсија Санс, која на средбата ја придружуваше Маја Морачанин, пратеничка во Собранието на Република Северна Македонија и претседателка на партијата Демократска обнова на Македонија (ДОМ).

Премиерот Спасовски на средбата изрази благодарност за одлуката на Европската зелена партија (ЕЗП), која ги обединува зелените партиите од земјите членки на ЕУ и од другите европски земји, своето годишно генерално собрание да го одржат во јуни оваа година во нашата земја во Скопје.

Претседателот на Владата Спасовски на средбата истакна дека на оваа одлука на ЕЗП гледа како на признание за Северна Македонија за нејзините политики посветени на заштитата на животната средина и на еколошките програми кои во прв план ги ставаат здравата околина и здравјето на граѓаните.

Во таа насока, премиерот Спасовски потенцираше дека Северна Македонија нема друга алтернатива за членството во Европската Унија и дека таа определба оди во насока и на прифаќање на вредностите на зелената транзиција на Европа како вредности од еднакво значење и за нашата земја.

На средбата со генералната секретарка на ЕЗП Мар Гарсија Санс и Маја Морачанин, пратеничка во Собранието на Република Северна Македонија и претседателка на ДОМ беше изразена согласност дека нашата земја со право го очекува стартот на преговорите за пристапување во членство во ЕУ како знак на признание за досегашните постигнувања, вклучувајќи ги и постигнувањата во заштитата на животната средина, и дека со отворањето на поглавјата за преговори според новата методологија ќе се постигне и нов квалитетен напредок во имплементацијата на зелените политики како заеднички приоритети на сите европски земји.