Владата на Северна Македонија редовната 7 седница утре ќе ја одржи во Охрид

Владата на Република Северна Македонија својата редовна 7 седница ќе ја одржи во Охрид како петта од серијата седници што се одржуваат во 10 региони во земјата.

Централна точка на дневниот ред на оваа седница е информацијата за состојбите и извршените посети во општинитe Охрид, Струга, Ресен, Вевчани и Дебрца.

Во рамките на оваа точка градоначалниците на овие општини ќе презентираат информации од интерес на граѓаните и ќе информираат за одредени прашања и проекти од плановите за работа на локалните заедници, и согласно тоа, на седницата ќе се дадат насоки за политики и одлуки за проекти кои можат да се реализираат во соработка меѓу локалната и централната власт.

На седницата во Охрид ќе биде разгледаната и информацијата за присуството на Реактивната Мониторинг Мисија на УНЕСКО, како и информацијата за извршен инспекциски надзор на градби од прва категорија на подрачјето на општините Охрид и Струга и информацијата за превземените активности на овластените градежни инспектори за овие подрачја.

На оваа седница, амбасадорката на Република Хрватска Нивес Тигањ пред министрите на Владата ќе ја презентира Програмата и приоритетите на Хрватското претседателство со Советот на Европската Унија.

Во рамките на теренските активности што ќе ѝ претходат на седницата, претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски ќе направи увид со реконструкцијата и санацијата на колекторскиот систем и ќе ги посети фабриките ЛТХ Леарница Охрид (14:45) и Братство Инокс (15:30).

Средби и други теренски активности во текот на денот во регионот ќе имаат и заменичката претседателка во Владата задолжена за економските ресори Мила Царовска, министерот за здравство Венко Филипче, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, министрите без ресор задолжени за странски инвестиции Зорица Апостолска и Елвир Хасан, како и министерот без ресор задолжен за дијаспората Едмонд Адеми.

Пред почетокот на седницата на Владата која што е предвидено да започне во 17:30 часот, во салата за седници на Општина Охрид, изјава за медиумите ќе даде претседателот на Владата Оливер Спасовски.

Календар Влада: 
Понеделник, Февруари 10, 2020 - 17:30 to Вторник, Февруари 11, 2020 - 00:00