Царовска: За квалитетно техничко образование на младите неопходно е вклучување на компаниите

Заменичката претседателка на Владата задолжена за економски прашања Мила Царовска, денеска ја посети компанијата ОДВ Електрик во Охрид во којашто ученици од техничкото средно училиште "Св. Наум Охридски" посетуваат пракса како дел од дуалното образование.

Вицепремиерката Царовска посочи дека Владата и Министерството за образование и наука се посветени на креирање на соодветен систем на дуално и стручно образование, со коешто би се продуцирале квалитетни и добро обучени кадри, особено од техничките струки, за задоволување на понудата и побарувачката на пазарот на трудот.

“Овде денеска можевме да видиме како се тестира моделот за усогласување на побаруваните занимања и гледам дека покажува одлични резултати. Од вкупно 40.000 ученици во средно образование само 15.000 се во техничките училишта и сметам дека треба да работиме на зголемување на оваа бројка”, рече Царовска.





Вицепремиерката истакна дека за стимулирање на младите да се вработуваат во производство Владата го воведе младинскиот додаток. “Додатокот кој на месечно ниво изнесува 3.000 денари, може да го користат сите млади лица до 23 години вработени во производство”, рече Царовска.

Директорот на ОДВ Електрик Огнен Цубалевски рече дека со практикување на дуалното образование се креира нива деловна клима и се помага во создавање на нови деловни навики. “Секоја општествено одговорна компанија треба да инвестира во младите луѓе, и со тоа да влијае врз подобрување на демографските процеси”, рече Цубалески.

Директорот Општинскиот електро-машински центар "Св. Наум Охридски" во Охрид, едно од техничките училишта во кои се спроведува дуалното образование Сашо Недески изјави дека со индустрискиот раст и развој на овој регион се наметна потреба од стручна работна сила и образовниот систем кој треба да се вклопи во производството.





“Учениците со задоволство доаѓаат да ја посетуваат практичната настава во оваа и во другите компании а наставните планови и програми се прилагодени на потребите на компаниите”, рече Недески.

Во целиот процес на дуално образование во 5 града низ државата и 10 компании се вклучени вкупно 250 ученици, од кои само годинава се запишани 135 ученици.