Спасовски во Охрид: Со одржувањето на седниците во регионите добиваме информации за идни политики и проекти кои може да ги реализираат општините со поддршка на централната власт

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, непосредно пред почетокот на 7-мата седница на Владата што денеска се одржува во Охрид, одржа куса прес-конференција на која информираше за теренските активности што тој и одделни министри во Владата ги одржаа во регионот што ги опфаќа општините Охрид, Струга, Ресен, Вевчани и Дебрца, во пресрет на седницата.

Премиерот Спасовски го издвои увидот во работите на санацијата и реконструкцијата на колекторскиот систем за прочистување на отпаднитеas води долж брегот на Охридското Езеро и констатираше дека активностите се одвиваат според предвидената динамика.

„Охридското езеро и заштитеното подрачје опфатено со УНЕСКО се грижа на сите нас, и затоа следува комплетна санација на колекторскиот систем. Уште ова лето водите на езерото ќе бидат безбедни и чисти за капење“, истакна премиерот Спасовски во изјавата за медиумите. 

Спасовски информираше и за посетите на компаниите „Братство Инокс“ и „ЛТХ Леарница“ корисници на Програмата за поддршка на инвестициите и технолошкиот развој.

„Со менаџерите на овие компании разговаравме за искуствата од мерката за државна помош. Од овие средби добиваме насоки за усовршување на програмите за враќање на парите кон граѓаните и компаниите како една од најважните политики на Владата“, нагласи Спасовски. Во текот на денешниот ден министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски во неколку села во Општина Дебрца се сретна со младите земјоделци кои од денеска можат да аплицираат за мерката Млад земјоделец, програма која за оваа година предвиде покачување на поддршката за 100 % и таа наместо досегашните 10.000 евра ќе изнесува 20.000 евра. Тоа е уште еден и сериозен пресврт во поддршката на земјоделците“, соопшти премиерот Спасовски.

Претседателот на Владата Спасовски информираше за редовната 7-ма седница што се одржува во Охрид како петта, од серијата седници што се одржуваат во различни региони во државата.

„Причината за организација на овие седници е да бидеме поблиску до граѓаните и до локалната самоуправа и поблиску до нивните потреби. Да ги слушнеме нивните укажувања за да ги одредиме приоритетите на Владата согласно интересите на граѓаните од регионот“, рече Спасовски.

На седницата на Владата во Охрид, како гости ќе учествуваат градоначалниците од општините Охрид, Струга, Ресен, Вевчани и Дебрца, од кои се очекуваат информации од интерес на граѓаните од регионот за да се утврдат идни политики и одлуките за проекти кои може да ги реализираат општините со поддршка на централната власт.

Како теми од интерес на граѓаните на регионот, премиерот Спасовски најави дека на седницата во Охрид е информацијата за посетата на Реактивната Мониторинг Мисија на УНЕСКО, како и информацијата за извршениот инспекциски надзор на градби од прва категорија на подрачјето на општините Охрид и Струга и за преземените активности на овластените градежни инспектори за овие подрачја.