Средба на премиерот Спасовски и владина делегација, со претседателот на Државниот Збор на Република Словенија и висока парламентарна делегација: Влегувањето на Република Северна Македонија во НАТО е голема победа, силна поддршка и исчекор во евроинтеграци

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, придружуван од заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања, Мила Царовска, заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, и заменикот  министер за надворешни работи, Андреј Жерновски, се сретна со Дејан Жидан, претседателот на Државниот Збор на Република Словенија, придружуван од Игор Печек, претседателот на Комисијата за европски прашања, Ива Димиц, претседателката на Групата за пријателство меѓу двете држави, Бранко Скрбник, аташе за внатрешни работи при словенечката амбасада во Скопје, и Милан Јазбец, амбасадорот на Република Словенија во Република Северна Македонија.

На средбата е изразена силна поддршка од Република Словенија за постигнувањата на нашата држава на реформски план, во добрососедските односи и за интеграциите во НАТО и во Европската унија.

Констатирано е дека влегувањето на нашата земја во НАТО е голема победа на Република Северна Македонија, со оглед на условите што треба да ги исполни една држава за да стане земја членка на Алијансата.

Исто така соопштено е дека Република Словенија активно го поддржува отворањето преговори на нашата држава со Европската унија. Споделени се искуства од Словенија за евроинтеграциските процеси и во таа насока упатен е апел до граѓаните на Република Северна Македонија да продолжат да веруваат дека тоа е правиот пат за земјата, којшто не е лесен, но носи подобрување на животот за сите. Констатирано е дека носењето на Законот за јавно обвинителство и отворената расправа за новата методологија на ЕУ во Унијата за прием на нови земји членки, се позитивни сигнали за натамошните определби кон проширувањето и европските перспективи на земјава.  

Премиерот Спасовски се заблагодари за континуираната поддршка на Република Словенија во сите важни демократски процеси на нашата држава, како и во евроатлантските процеси.

„Работиме да дадеме дополнителни позитивни аргументи дека нашето место е, како во НАТО, така и во Европската унија. Република Северна Македонија покажа дека може да решава специфични предизвици низ дијалог и да ја задржи јасната визија кон каде е определена да се движи, а тоа се интеграциите во НАТО и ЕУ. Ова се европски вредности покажани на дело и силна порака за целиот регион, чие што признание од Европската унија ќе биде успех за сите, и за нашата земја, и за регионот и за самата Унија“, рече премиерот Спасовски.

На средбата е констатирано дека Република Северна Македонија и Република Словенија имаат пријателски односи во растечки тренд, без оптоварување со ниту едно билатерално прашање, што значи отворен простор за унапредување на соработката во економијата, земјоделството, животната средина, културата.

Заеднички е заклучено дека денеска потпишаниот Меморандум за развој и соработка меѓу владите на двете држави, за периодот 2020-2021 година е пример на добрата соработка. Потписниците на меморандумот, вицепремиерот Бујар Османи и словенечкиот амбасадор, Милан Јазбец, по потпишувањето информираа дека станува збор за два милиона евра што Владата на Република Словенија ги дава на Република Северна Македонија за кофинансирање инфраструктурни објекти, како што е водоснабдувањето во некои општини, како и за поддршка на цивилниот сектор во евроинтеграцискиот процес. Посебно е нагласено дека продолжува можноста, средношколци од нашата земја да можат да студираат во Словенија под исти услови како словенечките млади луѓе, со што се отвора можност за зголемување на бројката од околу 1000 студенти од Република Северна Македонија, кои веќе студираат во Република Словенија.