Премиерот Спасовски се сретна со в.д. претседателот на Парламентарното собрание на НАТО, Местерхази: Државата е на добар пат и кредибилен партнер на НАТО, сите да го продолжат фокусот кон евроатланскиот пат, во името на добрата иднина

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски се сретна со Атила Местерхази, вршител на должност, претседател на Парламентарното собрание на НАТО.

На средбата се упатени честитки за успешната ратификација на Протоколот за членство во НАТО, вчера во Парламентот, од страна на сите политички субјекти. Истакнато е дека членството во НАТО е големо богатство за народот во нашата земја и за државава, но и за НАТО Алијансата, којашто во Република Северна Македонија гледа активен и кредибилен партнер и фактор на стабилност во регионот и Западен Балкан, што е стратешка цел на НАТО.

Изразено е и охрабрување дека државава е на добар пат, дека продолжува со потребните реформски процеси, како и очекување дека сето ова ќе биде потврдено и од ЕУ со почеток на преговорите на нашата држава со Унијата.

Премиерот Спасовски се заблагодари на в.д. претседателот на Парламентарното собрание на НАТО за присуството на вчерашната ратификација во Парламентот и за огромната поддршка што ја дава НАТО за стабилноста и сигурноста на нашата земја и на целиот регион.

„Во финишот сме на процесот за полноправно членство во НАТО, иако пред само две и пол години нашата држава беше во голема политичка криза. Тоа е голем пресврт на којшто сме горди како Влада и како народ. Подготвени сме да ги преземеме сите потребни обврски со полноправното членство во НАТО. До денес правиме се што е можно, да ги дополниме позитивните аргументи за позитивна одлука од ЕУ за започнување преговори. Голема е мотивацијата на Владата во посветеноста на двете стратешки државни цели, посебно што интеграциите и во НАТО и во ЕУ се подеднакво значајни за стабилноста и економски развој“, рече премиерот Спасовски.

На состанокот е посочена важноста на реформските процеси и на целосната реализација на договорите со Бугарија и со Грција. Исто така е констатирана неопходноста сите во државава со своите активности да го продолжат фокусот кон евроатлантските перспективи и со тоа да придонесат кон добрата иднина на граѓаните и на државата.