Царовска и Шкријељ во Крива Паланка: Направивме пресврт, за две и пол години имаме економски раст од -1,8% на 3,5 %, се зголемија платите, воведовме младински додаток

Заменичката на претседателот на Владата за економски прашања Мила Царовска и дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ денеска посетија две фабрики во Крива Паланка. При посетата на компаниите Царовска и Шкријељ се сретнаа со менаџментот и со вработените во Супер шуз и ХТЗ опрема каде што лично се уверија дека мерката за субвенционирање на придонесите за раст на плати дава резултати и платите се зголемени.

“Со водење одговорни економски политики за две и пол години направивме вистински пресврт. Од негативна стапка од -1,8% во вториот квартал на 2017 година сега имаме просечен раст на бруто домашниот производ од 3,5%. Преку мерките од Планот за економски раст, Оперативниот план за вработување и ФИТР и други мерки со над 100 милиони евра се поддржани околу 3.000 компании и бизниси. Развојот на компаниите позитивно влијае и на работниците, во периодот на мандатот отворени се нови 59 илјади нови работни места и невработеноста е намалена на рекордно ниски 17,1%, а во исто време за една година имаме реален пораст на просечната плата од 5%, која е исто така на рекордно високо ниво и изнесува над 25.700 денари. Последната мерка за субвенционирање на придонесите за раст на плата се уште една мерка со која покажуваме дека се грижиме за економскиот раст и дека одлуките кои ги носиме како Влада. Мерката ја искористиле околу 20.000 компании кои ја зголемиле платата на 106 илјади работници”, изјави Царовска.

Шкријељ ги повика младите лица вработени во производство и во земјоделство од Крива Паланка да се пријавуваат во Центрот за вработување за да ја искористат можноста за месечниот младински додаток.

“Го воведовме младинскиот додаток со којшто секое младо лице до 23 години кое е вработено и самовработено во компанија со претежно производствена дејност или како индивидуален земјоделец, има право да добие месечен надоместок од 3.000 денари. Со овој додаток ги јакнеме младите и ги стимулираме да се вработуваат во производство”, рече Шкријељ.

Градоначалникот на Крива Паланка, Бојанчо Мицевски истакна дека позитивните владини политики се чувствуваат на локално ниво.

“Минималната и просечната плата во приватниот сектор се зголемени. Исто така пораснаа и платите на вработените во социјалната заштита и во градинките коишто со години наназад беа непроменети”, раче Мицевски.