Владата на Северна Македонија денеска ќе ја одржи редовната 10-та седница

Владата на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи редовната 10-та седница со повеќе точки на дневен ред од својата програма за работа и од интерес на граѓаните.
На седницата ќе биде разгледан годишниот извештај за работата на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации за 2019 година.

На предлог на Министерството за економија на оваа седница е точката извештај за работата на Националниот комитет за олеснување на трговијата согласно обврските од Спогодбата за олеснување на трговијата во рамки на Светската трговска организација.

На денешната седница Владата ќе го утврдува текстот на предлогот за закон за ратификација на Спогодбата помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Србија за заедничко признавање на доверливи услуги кои се користат во Република Северна Македонија и Република Србија.

На предлог на Министерството за правда за оваа седница е предвидена и презентацијата на информацијата со извештај за реализација на Програмата за обесштетување на дете кое е жртва или е оштетено со дејствие кое со закон е предвидено како кривичнo делo на насилство и на други акти на индивидуално или групно насилство за 2019 година.

Редовната 10-та седница на Владата на Република Северна Македонија е предвидено да започне во 12:00 часот.

Календар Влада: 
Вторник, Февруари 18, 2020 - 12:00 to 17:00