Царовска, Бајрактар и Шкријељ: Драчево добива нова градинка за 125 деца, инвестираме во квалитетно предучилишно образование

Нова, енергетски ефикасна градинка се гради во Драчево, во општина Кисела Вода. Градинката е наменета за 125 деца, од сите возрасни групи. Вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска, заменик министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар, дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ и градоначалникот на Кисела Вода Филип Темелковски направија увид во градежните работи што се изведуваат за дополнителниот објект за предучилишно образование.

„Во овие две и пол години инвестиравме 180 милиони денари во инфраструктура и покажавме дека предучилишното образование е приоритетна тема за оваа Влада. Дополнително, ги зголемивме платите кај воспитувачките и негувателките за 26%, се со цел да инвестираме во квалитетот на предучилишното образование . Се развиваат и нови модерни програми во градинките, коишто понатаму би требало да дадат подготовка на децата за современите начини на живеење, за да можеме да добиеме попродуктивни граѓани. Инвестицијата во предучилишно образование е најисплатлива инвестиција за секоја држава затоа што така создавате деца коишто понатаму во школувањето постигнуваат подобри резултати и се поподготвени да ја движат економијата“, изјави заменичка на претседателот на Владата задолжена за економски прашања Царовска, додавајќи дека со отворање на услуги во заедницата, меѓу кои и отворање на градинки, жените добиваат можност поинтензивно да се вклучат на пазарот на труд.

Градинката ќе се простира на површина од 600 квадратни метри, на приземје и еден кат. Таа, според заменик министерот за труд и социјална политика Бајрактар, ќе ги намали листите на чекање за градинка на децата од ова населено место.

„Целта на Министерството и на оваа Влада е да опфатиме што повеќе деца во предучилишно образование. Битна ни е не само згрижувачката туку и воспитната функција на предучилишното образование, и затоа тоа треба да биде достапно и задолжително за сите деца“, укажа Бајрактар.

 Според дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика Шкријељ, зголемувањето на капацитетите за деца од предучилишна возраст е важно затоа што  обезбедува еднакви можности и еднаков старт на секое дете.

„Токму затоа во изминатиот две и пол годишен период инвестиравме во градинки посебно во руралните средини, кои долго време беа запоставени, се со цел да обезбедиме еднакви можности како за децата од урбаните така и од руралните средини. Во буџетот на Министерството за 2020 година издвоени се 105 милиони денари за реконструкција, опремување и изградба на детски градинки. Дополнително, со помош од Светска банка, обезбедени се 15 милиони евра. До крајот на 2024 година е планирано да се креираат нови 7.500 места за згрижување на деца од предучилишна возраст. Сакам да напоменам дека работиме не само на инфраструктурата, туку силно инвестираме и во програмите за рано учење и развој. Нашата држава во изминатите две години беше прва држава во регионот којашто ги пилотираше програмите за социо-емоционален развој, кои од оваа година ќе се применуваат на национално ниво“, посочи Шкријељ.

Општина Кисела Вода ќе добие градинка по сите стандарди, нагласи и градоначалникот на Кисела Вода Темелковски.

„Рокот на изведба на објектот е 16 месеци. Уверен сум дека дечињата од Драчево ќе имаат одлични услови за предучилишно образование. Во изминатите две и пол години имавме одлична соработка со Министерството, се решија многу проблеми, пред се вработувањето на голем број негуватели и воспитувачи кои со години беа држени со договор на дело. Со тоа и нашите деца добија поквалитетно претшколско образование“, изјави Темелковски.

Општината планира изградба на уште една градинка.