Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски се сретна со Сергеј Баздникин, амбасадор на Руската Федерација во нашата држава.
На средбата е заеднички констатирано дека односите меѓу двете држави се одвиваат на принципиелно, пријателско ниво и дека постојат потенцијали за унапредување на соработката во областа на економијата, образованието, науката и културата.
Амбасадорот Баздникин донесе писмо од рускиот премиер Михаил Мишустин, со благодарност до премиерот Спасовски, за честитката за неговото назначување на позицијата и со изразена подготвеност за унапредување и продлабочување на соработката, во областите значајни за граѓаните.
- „Посветени сме на градењето добри односи со државите, на демократско ниво. Нашите стратешки приоритети се интеграциите во НАТО и ЕУ, кон што сме фокусирани, како и економскиот развој на државата. И ние гледаме можности за унапредување на економската соработка со Руската Федерација, во функција на подобрување на квалитетот на живот на нашите граѓани“, рече премиерот Спасовски.