„Почитувани граѓани и православни верници,
Денеска е празникот Велики поклади – Прочка. Празникот на искрената и пожртвувана љубов кон ближните.
Празничен ден кога бараме прошка и кога со тој голем дар ги отпочнуваме деновите на големиот велигденски пост, како подготовка за најголемиот православен христијански празник.
Пораката што ја праќа денешниот празничен ден го одредува патот на нашето внатрешно и меѓусебно помирување и ни помага во градењето на заедница на граѓани исполнети со љубов кон другиот и со меѓусебно почитување. Тоа е концепт што носи добро за сите.
Ви го честитам денешниот празник и ви посакувам добро здравје, духовно помирување и обединување околу вистинските вредности на мир, пријателство и меѓусебно почитување што ги носи овој ден.
Овој празник повикува и на тоа да ги оставиме зад нас делбите и конфликтите.
Нѐ повикува да се подготвиме за уште посилно да продолжиме да градиме интегрирано општество во кое различностите се богатство за стабилна и просперитетна држава за сите нејзини граѓани.
Пред нас е време на лична и општествена одговорност. Да почитуваме за да бидеме почитувани, да простуваме и да ни биде простено.
На сите граѓани што денеска го празнуваат и му се радуваат на овој ден им посакувам среќен празник – Прочка.
Имајте убав и спокоен празничен ден, а деновите пред вас до Велигден, нека ви поминат во радоста на простувањето“.