Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски денеска ја прими делегацијата на министрите за надворешни работи на Република Полска, на Република Летонија (Латвија), на Република Литванија и заменик министерот за надворешни работи на Република Естонија, кои ја сочинуваат групата „Пријатели на проширувањето“.
Премиерот Спасовски на министерот за надворешни работи на Република Полска, Јацек Цапутович, министерот за надворешни работи на Република Латвија, Едгарс Ринкевич, министерот за надворешни работи на Република Литванија, Линас Линкевичиус и заменик министерот за надворешни работи на Република Естонија, Март Волмер, кои се во дводневна работна посета на нашата земја, им посака добредојде и успешна посета која се остварува во истиот ден кога Европската Комисија го објави мини извештајот за Северна Македонија, во кој констатира значаен напредок, што целосно се совпаѓа со мисијата на групата земји „Пријатели на проширувањето“ на ЕУ.
На средбата во Владата, на која присуствуваше и министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров, премиерот Спасовски истакна дека оваа посета е израз на голема поддршка и силно пријателство на Северна Македонија со земјите претставени во групата „Пријатели на проширувањето“, како и со сите други земји членки на ЕУ, и дека доаѓа во моменти кога нашата земја станува членка на НАТО и кога очекуваме позитивна одлука за почеток на преговорите со ЕУ.
„Ја изразуваме нашата благодарност за вниманието и за отворените јавни изјави со поддршка за Северна Македонија и за што поскоро отворање на пристапните преговори, особено во претстојниов клучен период. Тоа се позитивни сигнали за нашата посветеност и храброст во спроведување на тешките реформски потфати, како и за постигнувањето на Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија и за спроведувањето на одредбите од тие договори“, истакна претседателот на Владата на Северна Македонија Спасовски.
Премиерот Спасовски рече дека новата методологија отвора можност за суштинско унапредување на процесот на преговори, за предвидливост и цврсто почитување на принципот на заслуги, и ја враќа кредибилноста на ЕУ во земјата и во регионот.
„Ние сакаме да бидеме пример за регионот во примената на новиот пристап. Очекуваме одлуката за преговори за да биде означен почеток на еден динамичен и напорен процес“, нагласи премиерот Спасовски.
Министрите за надворешни работи на Република Полска, на Република Летонија (Латвија), на Република Литванија и заменик министерот за надворешни работи на Република Естонија, на оваа средба уште еднаш ја истакнаа нивната силна и непоколеблива поддршка за отворање на преговорите со Северна Македонија за членство во ЕУ и потенцираа дека стратешката грешка за неодобрување старт на тој процес во октомври во 2019 година, ќе биде поправена во текот на претстојниот период.