Филипче: Уште една мерка за подигнување на контролата - Патниците со авионите на „Wizz Air“ од Милано и Венеција на скопскиот и охридскиот аеродром ќе пополнуваат здравствен локатор/карта за контрола и следливост на патниците

Министерот за здравство, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција информираше за најновата состојба со корона вирусот во земјава. Тој истакна нема нови пациенти тестирани на корона вирус. Единствената пациентка е во добра здравствена состојба и најави дека се воведува уште еден чекор плус за подигнување на контролата на уште повисоко ниво од заштита од овој вирус.

„Во изминатото деноноќие немаше нови пациенти кои се тестирани за корона вирусот. Единствената пациентка којашто е хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби е добра. Нејзината здравствена состојба секој ден се повеќе се подобрува. Се одлучивме за уште еден чекор, за подигнување на контролата на уште повисоко ниво. А тоа значи дека на патниците со авионите на „Wizz Air“ од Милано и Венеција на скопскиот и охридскиот аеродром ќе треба да пополнат здравствен локатор, карта. Ова ќе овозможи добра контрола и следливост на патниците. Тие ќе остават податоци за тоа на која адреса престојуваат и доколку во некое сценарио се јави некој патник, после одреден број денови со симптоми многу лесно е да ги најдеме сопатниците, особено сопатниците коишто седат согласно препораките и алгоритмите неколку реда зад и пред тој патник во авионот“, потенцираше министерот Филипче.

„Набавката на заштитни материјали е во тек, ќе се спроведе евалуација на понудите, додека дезинфекционите средства после потпишувањето на договорот пред два дена, веќе денеска ќе започне да се дистрибуираат во училиштата ширум државата. Утрово разговарав со регионалниот директор за Европа на СЗО, Ханс Клуге, во европскиот регион досега се регистрирани вкупно 3.365 пациенти заболени од корона вирус“, информираше министерот Филипче.

Нови земји во коишто е проширен вирусот се Андора, Латвија и Португалија. Во Србија, Косово и Албанија нема регистрирани пациенти. Утрово, грчкиот министер за здравство го информираше министерот Филипче дека има уште еден пациент заболен од корона вирус во Грција. Сега се вкупно 8, од кои 4 се во Солун, 4 во Атина.

Министерот Филипче информираше дека вчера со претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски, одржаа состанок со координативното тело за прибирање и размена на информации во врска со корона вирусот. На тој состанок учествувале и претставници на сите институции на кој се дискутирало за настапот, координираноста на институциите. Сите институции се на ниво на задачата и во целост се придржуваат до утврдените протоколи.

„Во однос на препораката за неодржување на масовни јавни собири, таа важи до 6-ти март. Ние имаме секојдневно состанок на нашата група. Ќе ги евалуираме сите работи, сите податоци. Веројатно во текот на утрешниот ден попладнето, или рано наутро во петок, ќе излеземе со нова препорака, согласно најновите информации со состојбата не само кај нас, туку и во земјите од регионот. Уште еднаш упатувам апел до граѓаните, да се придржуваат до мерките за заштита и превенција од корона вирусот. Апелирам повторно доколку не е нешто итно и неодложно да не се патува во ризичните региони заради тоа што тоа е најважна мерка со којашто се грижиме за здравјето на нас самите, на нашите блиски и генерално на сите граѓани во државата“, рече министерот Филипче.