Премиерот Спасовски и министерката Апостолска: Американската компанија „Теламон“ ги препозна одговорните и стимулативни политики на Владата

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, придружуван од министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски и градоначалникот на Општина Гази Баба, Борче Георгиевски, ја посети американската компанија „Теламон“ и се запозна со нивните тековни активности и производни капацитети во нашата земја, во кои се произведуваат кабли за автомобилската индустрија.

По посетата премиерот Спасовски изрази задоволство дека оваа  реномирана компанија одлучи својата фабрика да ја отвори во нашата земја и истакна дека сите очекувања предвидени со договорот се остварливи.

Тој наведе дека станува збор за инвестиција во висина од четири милиони евра и со проектирани 300 работни места.

„Разговаравме и за развојната компонента, за идните планови на компанијата. Драго ми е што тие одлучиле сепак да го прошират своето производство, својот капацитет на дополнителни околу 7.500 метри квадратни и за дополнителни нови околу 300 вработувања. Сето тоа е многу значајно за развојот на македонската економија, за отворање на нови работни места, што впрочем е една од целите на Владата“, истакна премиерот Спасовски.

Премиерот Спасовски нагласи дека Владата ќе продолжи да го поддржува бизнис секторот со цел да се создадат услови за побрз економски раст, кој ќе донесе придобивки и за работниците и за работодавачите, но и за државата.

Министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска истакна дека американската компанија „Теламон“ веќе втора година произведува кабелски склопови за автомобилска безбедност и соработува со реномирани автомобилски производители во светот.

Таа потенцираше дека активностите на овој производен капацитет придонесуваат во зголемувањето на извозот од нашата држава и сето тоа влијае врз растот на Бруто домашниот производ.

„Владините политики успешно се спроведуваат, а имаат приоритет во индустрискиот сектор. Особено се стремиме да се работи на мотивација за создавање на поголема и додадена вредност  во индустрискиот сектор. Од тие причини можам да потврдам и со бројки дека во реалниот сектор тие се одлични. Растот на трговската размена е зголемена за 10 проценти, особено во рамките на извозот каде што и достигна 6,4 милијарди евра, кај индустриското производство растот е 3,7 проценти“, подвлече министерката Апостолска.