Денеска во салата на Боречки клуб „Балканец“ во Штип, се одржа вториот спортски тренинг од настанот „Играј фер”, во организација на Агенцијата за млади и спорт. Дваесет млади борачи од три градови имаа можност да одржат заеднички тренинг со боречкиот олимписки шампион Шабан Трстена и да ги слушнат неговите совети за успешна кариера.
,,Играј фер" е настан каде младите спортисти од различни етнички заедници покажуваат дека спортот зближува и во него нема простор за стереотипи, меѓуетнички тензии и насилство. Новите генерации спортисти преку фер игра испраќаат порака дека во спортот има место за сите.
„Овој проект има за цел да ги зближи и мотивира децата, да ги стимулира да спортуваат од најрана возраст и да практикуваат здрави навики. Спортот ги руши сите бариери, препреки и различности, ги насочува луѓето од различни националности да другаруваат, да се почитуваат и да спортуваат. Денеска имаме дечиња од различни градови кои заедно ќе спортуваат и сигурно во иднина ќе имаат успешни кариери“, изјави Дарко Каевски, директор на Агенција за млади и спорт.
„Борењето беше гордост на нашата држава, и донесе многу спортски резултати. Гордост е да се биде тука помеѓу овие деца денеска од различни градови. Младите треба да спортуваат и да дадат се од себе, да носат големи успеси. Медалите се носат со голема дисциплина, напорна работа и огромен труд. Клубовите денеска имаат подобри услови и сигурен сум дека оваа заложба на Агенција за млади и спорт ќе успее да ги мотивира младите“, порача Шабан Трстена.
Агенцијата за млади и спорт преку вакви настани ги поттикнува и охрабрува младите да спортуваат и да го одберат спортот како своја професија и постојано работи на негово унапредување и создавање услови во сите општини.