Средба на премиерот Спасовски со германската директорка за Југоисточна Европа при Министерството за надворешни работи: Силна поддршка од Сојузна Република Германија за европските перспективи

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски се сретна со Сузане Шуц, амбасадорка, директорка за Југоисточна Европа, Турција и државите на ЕФТА, во германското Министерство за надворешни работи.

На средбата е соопштено дека Сојузна Република Германија целосно го поддржува членството на Република Северна Македонија во ЕУ и во тие рамки, скорешното отворање преговори со нашата држава.

Констатирано е дека земјава се наоѓа во значаен период кога го очекува заокружувањето на членството во НАТО, дека се реализирани значајните реформски процеси во земјава и дека поради тоа постои свесност кај европските земји дека позитивната одлука за почеток на преговорите е заслужена.

Премиерот Спасовски изрази благодарност за големата, пријателска и принципиелна поддршка од Сојузна Република Германија кон Република Северна Македонија и граѓаните на нашата држава.

„Се зафативме уште помотивирано за реформите значајни за граѓаните и за европските перспективи, за да ги покажеме нашите сериозни определби кон европските интеграции. Во тој дух, низ дијалог го донесовме и Законот за јавното обвинителство. Ги развиваме добрососедските односи и работиме преку почитување на Уставот, на имплементацијата на договорите со Грција и со Бугарија. Ги исполнивме очекувањата, донесовме важни, историски, храбри одлуки и со право очекуваме дека ова ќе биде вреднувано од нашите пријатели, земјите членки на ЕУ“, рече премиерот Спасовски.

На средбата е заеднички констатирано дека политиките на дијалог што ги применува Владата на Република Северна Македонија, се придобивка кон развојот на добрососедските односи и стабилноста во целиот регион, како и дека отстапките од овие позитивни процеси не носат ништо добро ни за земјата, ниту за регионот.

На состанокот се посочени придобивките од Берлинскиот процес, со којшто годинава претседаваат нашата држава и Република Бугарија. Во пресрет на утрешниот Форум во Скопје на министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан, што се организира во рамки на Берлинскиот процес, оценето е дека заедничкото претседателство на Северна Македонија и на Бугарија е значајно признание за придонесот на двете држави во напредокот и во регионалната соработка, како и дека самиот процес е од значителна важност за таа соработка на патот кон ЕУ.