Царовска во Топ тема на Телма: Економијата е стабилна, Буџетот е во добра кондиција

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања Мила Царовска , вечерва зборуваше за влијанието врз економијата на коронавирусот во дебатната емисија „Топ тема“ на Телма, како и за подготвеноста на Владата да одговори кон бизиснот доколку е потребно.

Царовска истакна дека владиниот економски тим заедно со стопанските комори будно ја следат ситуацијата со ширењето на КОВИД-19 во Северна Македонија и во соседството и во моментот кога ќе се почуствува реална потреба ќе се одговори со сет мерки.

Царовска истакна дека во моментот домашната економија е стабилна и Буџетот е во добра кондиција и се она што е ставено во Буџетот за 2020 година, останува такво какво што е до моментот додека не се создадат услови, или потреба да биде променето.

„Она што треба да го знаат граѓаните е дека Буџетот е ликвиден, дека економијата е стабилна и дека во оваа ситуација не гледаме никакви ризици. Следиме дневно и повторувам дека сите мерки што треба да бидат превземени ќе бидат превземени навреме се со цел да имаме ликвидност и кај компаниите и да не биде загрозен ниту еден граѓанин во државата“, рече Царовска.

Вицепремиерката Царовска ги повика граѓаните и бизнисот да ги следат заклучоците на Владата бидејќи само со дисциплина можеме да го спречиме ширењето на болеста.
 „Важно е да бидеме дисциплинирани и сметам дека и ние имаме капацитети и потенцијал. Сега на тест сме ставени сега со Дебар. Граѓаните на Дебар ги почитуваат препораките. Ќе треба сите да се придржуваме кон она што е ставено како препорака таму и како забрана и навистина мислам дека имаме можност да докажеме дека и ние иако е демократија иако владее социјал демократска влада дека дисциплината е дел од живеењето коешто е колективно коешто ако се почитуваме и ги почитуваме препораките, тогаш ќе имаме посоодветно живеење за сите“, рече Царовска.