Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче на денешната прес-конференција информираше за состојбата на пациентите заразени од корона вирус.
Сите 13 пациенти коишто се сместени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје се во стабилна состојба, идентична како во текот на вчерашниот ден. Првата пациентка од Дебар е на респираторна машина со значајно подобрување на параметрите по приклучувањето на механичката вентилација, но со сè уште непредвидлива прогноза поради тоа што во оваа ситуација многу често доаѓаат компликациите во текот на лекувањето. Сите други пациенти се со лесна клиничка слика, вклучувајќи го и 15 годишниот пациент – сите сместени на одделот за изолација. Прво заболената пациентка од утре ќе биде на домашно лекување.
„Имаме 7 нови материјали коишто се работат. Станува збор за пациенти кои се од Штип, Куманово, Тетово, Кичево и Охрид. Дел од нив престојувале во Швајцарија, Австрија и Германија. По неколку дена од враќањето развиле висока температура. Сега се во одделите за изолација таму и во текот на денот ќе бидат готови резултатите. Лицата кои се тестираат според епидемиолошкиот прашалник изјавиле дека претходно биле во домашна изолација. Понатаму, од Охрид еден пациент и две родилки коишто вчера се донесени од Дебар. Едната е во болницата во Охрид, другата е во Скопје. Тие се во изолација и се во стабилна состојба, не се непосредно пред породување, меѓутоа ги донесовме тука за да се направат тестовите и да бидат спремни за породувањето“, потенцираше министерот Филипче.
На прес-конференцијата министерот Филипче истакна дека во државата има 120 респиратори.
„Во државата има околу 120 респиратори, најголемиот број - близу 90 се во Скопје. На денешниот координативен состанок со директорите на Клиниките донесовме неколку одлуки. Прво, целиот здравствен персонал во сите јавно-здравствени установи и приватни болници го мобилизираме и ставаме на располагање согласно нашиот оперативен план за делување, доколку е потребно да работат во здравствена установа каде што ќе биде потребно. Сакам да изразам благодарност до приватните болници коишто уште во текот на минатата недела целосните капацитети ги ставија на располагање, вклучително и близу 70 интензивни легла, со респираторни машини за оваа патологија. Клиниките нема да ги одржуваат своите редовни утрински стручни колегиуми, со цел да се намали контактот помеѓу колегите, ќе се координираат телефонски, така ќе се извршува и оперативниот програм со координација помеѓу вработените и под раководство на директорот“, рече министерот Филипче.
Министерот Филипче изјави дека се одложуваат сите хронични пациенти, оние на кои интервенцијата може да се одложи. Се третираат само итните и малигните случаи кај коишто исто така нема простор за одложување.
„Назначен е координатор на службата за инфективни болести во Дебар. Тоа е професор од Инфективната клиника којшто во следниот час ќе се упати и ќе престојува таму , ќе ја организира работата со пациентите коишто сега ги имаме, а тоа се петте коишто се вчера дијагностицирани. Координаторот на службата исто така ќе ја организира и активноста околу новите тестирања, новиот план - координација за работа на докторите коишто се веќе таму, а тоа се епидемиологот и двајцата инфектолози од Дебар“, потенцираше министерот Филипче.
Детската болница во Козле целосно ќе се спреми да прима деца кои ќе бидат евентуално заболени од корона вирусот. Сегашните хоспитализирани пациенти во текот на денешниот и утрешниот ден ќе бидат префрлени на лекување на Клиниката за детски болести, со цел децата да бидат изолирани од возрасните.
„Во разговор со претставниците на МВР, безбедносната состојба во Дебар и Центар Жупа е стабилна. Во текот на ноќта нема регистрирано ниту собирања на јавни места, ниту нарушувања на јавниот ред и мир. Нема регистрирано никакви деликти, полициските службеници вршеле контрола на сите објекти, обложувалници, ноќни клубови во двете општини, со цел овие мерки достојно да се спроведуваат“, информираше Филипче.
Со несмален интензитет се спроведуваат и мерките за контрола и дезинфекција на сите патнички и други моторни возила за влез во Дебар и Центар Жупа. Влезот е дозволен само за жителите на општините, а строго забранет е излез на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини. Без проблем се одвива дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и другите потреби за граѓаните во двете општини.
„Упатуваме апел до сите граѓани на Дебар и Центар Жупа, но и до граѓаните на Струга, Охрид и Кичево строго да се придржуваат до овие препорачани мерки со цел да се спречи ширењето на вирусот во овој регион“, изјави Филипче.
Министерот Филипче изрази благодарност до мобилните оператори за известувањето на граѓаните со СМС пораки. Тој упати апел до граѓаните да останат дома, движењето да го сведат на минимум, освен за неопходните потреби.