Ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО на Северна Македонија во Сенатот на Кралството Шпанија е завршниот чин за нашето место како 30-та членка на Алијансата

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски, заменичката на Претседателот и министерка за одбрана - Радмила Шекеринска, заменикот на Претседателот, задолжен за европски прашања - Бујар Османи, и министерот за надворешни работи Никола Димитров, денеска одржаа прес-конференција по повод ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО на Северна Македонија во Сенатот на Кралството Шпанија.

Премиерот Спасовски на почетокот рече дека непосредно пред оваа прес конференција претходела друга на која тој ја соопшти одлуката на Владата да предложи воведување вонредна состојба за ефикасно спречување на ширењето на корона вирусот, согласно уставните можности, по претходни консултации одлучено е сепак да се одржи и оваа прес конференција за да го одбележиме успешниот завршен чин на ратификацијата на Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО.

„Ситуацијата со корона вирусот е крајно сериозна, но тоа нема да ги запре големите и значајни процеси што се наши стратешки определби. Со соодветно прилагодување на постапките тие процеси се остваруваат, и се остваруваат успешно. Сите наши партнери и сојузници, сите 29 земји членки на НАТО и формално ја прифатија Република Северна Македонија за 30-та земја членка“, истакна претседателот на Владата Оливер Спасовски. 

Тој подвлече дека Сенатот на Кралството Шпанија, само заради оваа причина за прв пат во својата историја гласаше по електронски пат со видео конференција, и го ратификуваше Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО, и дека овој чин заслужува честитки и признанија, дури и во овие денови на сериозни и тешки предизвици.

Истиот ден Кралот на Шпанија Фелипе VI го потпиша ратификацискиот инструмент, и тој ќе биде депониран во Стејт Департментот во Вашингтон, по што е следува информација од НАТО во Брисел дека сите ратификации се депонирани, и дека може и ние да ја доставиме нашата ратификација. Тоа и официјално ќе стави печат на нашето полноправно членство во НАТО.

„Република Северна Македонија е - 30-та членка на НАТО. Денеска со полно право можете да бидете горди. Република Северна Македонија како членка на НАТО, станува полноправен член во Евро-Атлантското семејство на народи. НАТО е најмоќниот безбедносен и одбранбен сојуз кој некогаш постоел и е синоним за највисоките демократски вредности. Ние сме дел од ова моќно семејство“, нагласи премиерот Спасовски на прес конференцијата.

Како дел од безбедносниот штит на најмоќниот воен сојуз во светот, рече претседателот на Владата, Северна Македонија станува фактор за стабилност во регионот, извозник на безбедност, земја во која граѓаните и децата имаат сигурна иднина.

„Веруваме дека членството во НАТО ќе помогне и во остварувањето на нашата втора стратешка цел, членство во ЕУ. Свесни сме дека постои блиска комплементарност и соработка меѓу двете организации. Ние ги споделуваме заедничките вредности и сакаме да придонесеме во развојот на таа соработка“, истакна премиерот Спасовски, и додаде дека во услови кога современиот свет се соочува со оваа сериозна хуманитарна криза, неопходни се заеднички мерки и градење капацитети. Северна Македонија е одлучна да придонесе за заеднички пристап во соработката со партнерите, институциите и агенциите на НАТО и ЕУ.

Заменичката на Претседателот и министерка за одбрана Радмила Шекеринска во своето обраќање потенцираше дека со чинот на ратификација на Протоколот за пристапување во полноправно членство во НАТО, дојдовме до крајот на најдолгото патешествие во историјата на нашата земја.

„Станавме 30. членка на НАТО. По 30 години чекорење кон оваа цел. Стигнавме до целта бидејќи додека другите одолговлекуваа ние решававме. Додека другите зборуваа, ние работевме. Додека се правдаа, ние одлучувавме. Еднаш реков и уште еднаш ќе повторам: поминавме низ политичко минско поле. Некои од одлуките беа ѓаволски тешки, Но ги носевме со длабока верба дека се исправни и дека се во интерес на нашите граѓани. Сега кога сме на крајот, важно е да се потсетиме дека ниту една политичка идеја не преживеала толку долго како идејата за НАТО во нашата земја“ истакна заменичката на Претседателот и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.

Таа додаде дека тоа е затоа што граѓаните се идентификуваа со вредностите на НАТО - демократија, мир, добрососедски односи, напредок и развој, и дека никогаш не се откажаа од тие вредности, Дури и кога изгледаа невозможни и недостижни.

Во овие моменти на неизвесност, токму интеграција во современите западни системи ни е повеќе од добредојдена, рече заменикот на Претседателот, задолжен за европски прашања Бујар Османи.

„Членството во НАТО претставува затворање на едно важно поглавје во развојот на нашата држава, настан со кој Република Северна Македонија влегува во нова фаза на сопствениот напредок - период на поцврста безбедност и предвидлива стабилност. Членството во НАТО значи припадност, споделување на вредностите на кои почива западната цивилизација, и соодветно вклучување на нашата земја во овие текови. Тоа се вредностите на слободата, демократијата, правичноста и солидарноста - вредности кои значат сигурна, стабилна и просперитетна иднина“, рече вицепремиерот Османи, и додаде дека денес се наоѓаме буквално на прагот и на уште еден успех - почетокот на преговорите со Европската Унија, и дека со тоа ќе ставиме точка на историските аспирации на генерациите пред нас, и ќе ги поставиме темелите за стабилна, предвидлива и просперитетна иднина за генерациите по нас.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров истакна дека за остварување на оваа голема цел и за постигнатото во изминатиот период, особено во последните три години, беа совладани најсериозните, и на моменти, несовладливи пречки.

„Даденото ветување - да станеме членка на НАТО и преземената обврска од нашите татковци и основачи, пратениците на првиот собраниски состав, е исполнето. Ова се случи поради лидерството, кое ги  зацврсти пријателствата со 29 земји. Заокружувањето на овој процес, кој започна со ратификацијата на пристапниот протокол во Грција, а заврши вчера со Шпанија во вонредни услови, значи поголема безбедност, стабилност и просперитет на нашата земја и нејзините граѓани“, нагласи министерот за надворешни работи Никола Димитров на прес-конференцијата по повод ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО на Северна Македонија во Сенатот на Кралството Шпанија.