Одлуки од 22 седница на Владата: Владата предложи Собранието на Република Северна Македонија да утврди постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија заради спречување на внесување, и ширење и справување со коронавирус

Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 18 март 2020 година, врз основа на член 125 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија заклучи до Собранието на Република Северна Македонија да поднесе Предлог Собранието на Република Северна Македонија, да утврди постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија заради спречување на внесување, и ширење и справување со коронавирус COVID-19, а согласно пандемска епидемија прогласена од Светската здравствена организација за нов вид на вирус кој е проширен на сите континенти и ја зафати територијата на Република Северна Македонија.

За претставници на Владата на Република Северна Македонија за образложување на овој предлог во Собранието на Република Северна Македонија се определуваат Оливер Спасовски, претседател на Владата на Република Северна Македонија, м-р Радмила Шекеринска Јанковска, заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија и министер за одбрана и д-р Венко Филипче, министер за здравство.

Во прилог на предлогот за утврдување на постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија заради спречување на внесување, и ширење и справување со коронавирус COVID-19, Владата достави и Образложение во кое вели:

Пандемска епидемија или пандемија како состојба на ширење на заразна болест на широка територија, повеќе држави или континенти, а особено кога има ширење на поголема територија на нова непозната болест.

Во декември 2019 година, во градот Вухан, во провинцијата Хубеи во Народна Република Кина, се појавува нов коронавирус кој почна да се шири за кратко време и во другите провинции на Народна Република Кина. Оваа болест е акутна респираторна инфекција во категорија Б (врз основа на Упатството за превенција и третман на заразни болести на Народна Република Кина). Преземајќи серија превентивни и мерки на третмани, епидемијата во Народна Република Кина конечно е стабилизирана од стотици, до неколку случаи дневно. Останатите провинции во Народна Република Кина закрепнуваат од епидемијата, додека ширењето надвор од Народна Република Кина постојано расте.

На 11 март 2020 година, Светската Здравствена Организација прогласи пандемија на новиот коронавирус COVID-19, поради фактот дека се работи за нов вид на коронавирус, како и поради фактот дека е проширен на повеќе континенти. Со ова, Светската Здравствена Организација упати силна и јасна порака до сите земји во Светот дека состојбата со COVID-19 е крајно сериозна и дека секоја држава, согласно својата поставеност и здравствен систем, мора да почне да се подготвува за справување со оваа криза.

Овој вирус во Европа, во тој момент, беше проширен најмногу во Република Италија, каде што брзината на ширење достигна енормни размери.

Во образложението на Владата за утврдува постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија заради спречување на внесување, и ширење и справување со Коронавирус COVID-19, се наведени 6-те фази на развојот и ширењето на коронавирусот и болеста COVID-19, како и неговата етиологија, епидемиологија, начинот на пренесување и клиничката манифестација, и третманот.

Согласно претходно наведеното, Владата на Република Северна Македонија, на Единаесеттата седница, одржана на 25 февруари 2020 година, на Дванаесеттата седница, одржана на 28 февруари 2020 година, на Четиринаесеттата седница, одржана на 6 март 2020 година, на Петнаесеттата седница, одржана на 10 март 2020 година, на Шеснаесеттата седница, одржана на 11 март 2020 година, на Седумнаесеттата седница, одржана на 12 март 2020 година, на Осумнаесеттата седница, одржана на 13 март 2020 година, на Деветнаесеттата седница, одржана на 14 март 2020 година, на Дваесеттата седница, одржана на 16 март 2020 година, на Дваесет и првата седница, одржана на 17 март 2020 година, донесе пакет на одлуки, заклучоци, мерки и препораки за сите органи на државната управа, јавните претпријатија основани од државата, акционерските друштва во државна сопственост и сите останати државни институции, како и за единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија, јавните претпријатија и другите правни лица основани од единиците на локалната самоуправа, но и за приватниот сектор, сите во функција на утврдената потреба од преземање на мерки и активности за спречување на внесување и превенција од ширење на коронавирус COVID-19.

Следејќи го текот и прогресот на сите преземени мерки и активности за справување со оваа состојба за време на овој период, Владата на Република Северна Македонија донесе Одлука за мерки за спречување на внесување и ширење на коронавирус COVID-19 („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.62/20, 63/20, 64/20 и 66/20), Одлука за постоење на кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија, заради спречување на внесување и ширење на коронавирус COVID-19 („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.63/20), Одлука за забрана и посебен режим на движење на дел од територијата на Република Северна Македонија на подрачјата на општините Дебар и Центар Жупа („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 63/20) и Одлука за определување на највисоките цени на одделни производи во трговијата на мало („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 67/20).

Одлуките, заклучоците, мерките и препораките на Владата се донесени на предлог и во координација со сите надлежни државни институции и тела, особено на предлог на Групата за процена, Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, Министерството за здравство, Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, Главниот координативен кризен штаб на Владата на Република Северна Македонија и економските ресори.

Како уште еден прилог на образложението за утврдува постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија заради спречување на внесување, и ширење и справување со коронавирус COVID-19, наведена е и моментална состојба со пандемијата во Светот со 201 илјада потврдени случаи и над 8000 починати лица. Вирусот е проширен во сите држави во Европа и на сите континенти. На ниво на Европа се потврдени над 74000 случаи.

Првиот позитивен случај во Република Северна Македонија е регистриран на 26 февруари 2020 година и до денес, 18 март 2020 година, бројката на потврдени случаи изнесува 35 позитивни случаи.

На денешната 22 седница на Владата на Република Северна Македонија утврдени се дополнителни мерки и активности за спречување на внесување, превенција и ширење на коронавирус COVID-19 го разгледа Записникот од Третиот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус COVID-19, одржан на 18 март 2020 година, го усвои Записникот и притоа ги донесе следниве заклучоци:

1. Се задолжува Министерството за надворешни работи и Министерството за здравство, да ги споделат сите информации, списоци, листи на наши државјани кои се затечени на граничните премини надвор од Република Северна Македонија, а во моментов организирано или поединечно се упатуваат/враќаат од овие држави кон Република Северна Македонија.

2. Се задолжува Министерството за внатрешни работи на секое лице кое ги напушта границите на Република Северна Македонија, да му даде да потпише лична изјава со која ќе се обврзе во наредните три месеци да не се врати назад во Република Северна Македонија.

За оваа цел, се задолжува Министерството за надворешни работи да подготви терк на изјава.

Исклучок од ова се возачите на товарните моторни возила кои секојдневно преминуваат граничен премин од и во Република Северна Македонија или граѓани кои ги напуштаат границите поради здравствени причини или лекување во странство.

3. Сите производствени капацитети на подрачјата на општините Дебар и Центар Жупа на кои постои кризна состојба, да го организираат својот работен тек и процес, како и влез и излез во овие подрачја, согласно посебен режим и протоколите на Министерството за здравство, по примерот на фабриката Кнауф Радика АД.

4. Се задолжува Министерството за внатрешни работи и Царинската управа на Република Северна Македонија да стапат во контакт со АД Пошта на Северна Македонија, со цел да постапуваат согласно протоколите за превоз и транспорт за непречено спроведување на размена на пошта на меѓународниот поштенски сообраќај, потврдени со Министерството за здравство.

5. Се задолжува министерот за транспорт и врски, м-р Горан Сугарески, да стапи во контакт со директорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, со цел да се реши проблемот со дозволите и протокот на премин на граничните премини во Република Северна Македонија за македонските возачи на товарните моторни возила.

6. Се задолжува Мила Царовска, заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија да преземе активности и координација помеѓу Министерството за економија, Царинска управа на Република Северна Македонија и стопанските комори, за да се разгледа можноста по предлогот на Министерството за здравство кој се однесува за сите медицински помагала и потрошниот медицински материјал кој се увезува во Република Северна Македонија за потребите за справување со моменталната ситуација, да се ослободат 100% од царинските давачки.

7. Се задолжува Министерството за внатрешни работи и Министерството за здравство согласно протоколите и проценките од стручните лица на Министерството за здравство да преземат соодветни мерки и активности кон лицата кои во текот на денешниот ден ќе слетаат на Меѓународниот Аеродром Скопје со чартер лет од Република Германија.

8. Се задолжува Министерството за внатрешни работи – ОВР Шуто Оризари да ги интензивира теренските контроли на територијата на општината во функција на спречување од организирање на групни собири.

9. Се задолжува Министерството за надворешни работи, преку дипломатско – конзуларните претставништва во Република Северна Македонија да направи проценка за тоа колку државјани на Република Северна Македонија се надвор од државата, а бараат да се вратат во државата и врз основа на оваа проценка да се оствари контакт со WizzAir, со цел преку чартер лет организирано да се вратат во Република Северна Македонија. Ова да биде последна преземена мерка од Владата на Република Северна Македонија кон државјаните кои се надвор од границите на Републиката.

10. Се задолжува Фондот за здравственото осигурување на Северна Македонија, да ги интензивира контролите и надзорите кон ординациите на матичните лекари, имајќи предвид дека има зголемена појава на затворање на овие ординации.

11. Се задолжува Министерството за здравство да стапи во контакт со приватните производствени капацитети кои имаат можност и доставено понуда до Министерството за здравство за производство на заштитни маски.

12. Се задолжува Министерството за здравство да стапи во контакт со приватните здравствени болници, со цел согласно нивните можности да се ослободат нивните здравствени капацитети за потребите на Министерството за здравство во спроведувањето со настанатата ситуација и преку соодветен правен инструмент (договор за соработка, меморандум и сл) да ги дефинираат начинот, условите, критериумите и обврските на двете страни.

13. На предлог на Царинската управа на Република Северна Македонија, се задолжува Агенцијата за храна и ветеринарство да отстапи две пумпи за потребите на Царинската управа на граничните премини.“

На оваа 22-та седница, Владата ја разгледа и усвои информацијата за користење на средства од Развојна банка на Република Северна Македонија за поддршка на претпријатијата погодени од состојбата со коронавирусот со предлог одлука.

Оваа информацијата е подготвена со цел Владата на Република Северна Македонија да се запознае за потребата од користење на финансиски средства од развојната банка на Република Северна Македонија, кои ќе се користат за поддршка на деловните субјекти чие работење е погодено од состојбите поврзани со коронавирусот.

Сегашната состојба во Република Северна Македонија, поврзана со коронавирусот како и прогласената пандемија на состојба со коронавирус од страна на светската здравствена организација, наложи потреба од преземање на мерки за поддршка на бизнисот со цел олеснување, односно намалување на последиците што стопанството во Република Северна Македонија ги трпи како последица на коронавирусот. Во овој правец се предвидуваат кредитни шеми за поддршка на реалниот сектор кои ќе се реализираат преку Развојна банка на Република Северна Македонија.

Односно, една од мерките е и воведување на нова кредитна линија од 5 милиони евра, преку која ќе се кредитираат директно компании чија што економска активност е директно погодена од коронавирусот. Кредитирањето ќе се врши со поповолни услови – подолг грејс периоди, подолг рок за отплата и пониски каматни стапки од стандардните кредити. Кредитите ќе бидат во висина од 5.000 евра до 20.000 евра, а висината ќе биде во зависност од бројот на вработени во компанијата, за микро претпријатија со 1-10 вработени од 3 - 5 илјади евра, за мали претпријатија со 10-50 вработени од 5-15 илјади евра, за средни претпријатија со 50-250 вработени од 15-30 илјади евра.

Преку Развојна банка на Република Северна Македонија се планира директно кредитирање на компании погодени од коронавирусот и во износ од дополнителни 6 милиони евра од Компензационен фонд од странска помош и Компензационен фонд од друга странска помош, при што е потребно да се обезбедат услови за операционализација на овие средства.

За таа цел се предлага Владата да донесе Одлука за престанок на важење на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за прибирање, користење и управување со средства од економска помош од странство на Република Македонија број 44-7213/1-17 од 06.03.2018 година, објавена во Службен весник на Република Македонија, број 44 од 2018 година.

Исто така за операционализација на оваа кредитна линија потребно е Развојната Банка на Република Северна Македонија во соработка со Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања и координација со економските ресори и Министерството за финансии, да утврдат критериуми за оваа кредитна линија. Условите под кои ќе биде вршено кредитирањето ќе бидат поповолни од условите под кои кредити се даваат од страна на комерцијалните банки.

Поради погоре наведеното, Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања и координација со економските ресори ги предложи, а Владата на оваа седница ги усвои следните заклучоци.

1. Се задолжува Развојната банка на Северна Македонија во рок од 5 дена да достави информација до Владата со која ќе предложи формирање на кредитна линија за директно кредитирање на компании погодени од Kорона вирусот со поповолни услови од условите на кредитите од комерцијалните банки

2. Владата донесе Одлука за престанок на важење на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за прибирање, користење и управување со средства од економска помош од странство на Република Македонија број 44-7213/1-17 од 06.03.2018 година, објавена во службен весник на Република Македонија, број 44 од 2018 година

3. Се задолжува Министерството за финансии да ја извести Развојната банка на Северна Македонија дека може да врши пласирање на средствата од 6 милиони евра од Компензационите фондови и истото да го проследи и до Министерството за надворешни работи.

4. Се задолжува Министерството за Надворешни работи, по влегување во сила на Одлуката за престанок на важење на одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за прибирање, користење и управување со средства од економска помош од странство на Република Македонија број 44-7213/1-17 од 06.03.2018 година, објавена во службен весник на Република Македонија, број 44 од 2018 година, да достави Известување до Амбасадата на Јапонија во Република Северна Македонија, со цел информирање дека средствата ќе бидат ставени на управување и администрирање на Развојната банка на Северна Македонија

5. Се задолжува Развојната банка на Северна Македонија во соработка со Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања и координација со економските ресори и Министерството за финансии да подготви и да достави до Владата Информација со Предлог-Одлука, со која ќе се утврдат условите за директно кредитирање на деловните субјекти погодени од коронавирусот.

По повод предлогот на Ѓонул Бајрактар, заменик на министерот за труд и социјална политика, Владата заклучи Заклучокот од делот на Пред преминување на Дневниот ред од Дваесет и првата седница на Владата, да се измени и лицата од касарната Пепелиште да бидат однесени во депандансот на Министерството за труд и социјална политика во Демир Капија за кои од страна на Министерството за труд и социјална политика преку УНДП ќе обезбеди вода и храна и истата ќе биде дистрибуирана преку Црвениот крст на Република Северна Македонија, а Службата за општи и заеднички работи на Владата да обезбеди средства за лична хигиена за лицата што ќе бидат сместени таму.

 

Извадок од Нацрт-записникот од двесет и втората седница на Владата на РСМ - до Кабинет на ПВРСМ

Извадок од Нацрт-записникот од двесет и втората седница на Владата на РСМ - до МЗ

Извадок од Нацрт-записникот од двесет и втората седница на Владата на РСМ - до МТСП