Од 26-тата седница на Владата: Донесени дополнителни ограничување на движењето на одредени категории граѓани; Утврдена е уредба за прифаќање и сместување на граѓаните кои ќе пристигнат на граничните премини во државните карантини

Владата на Република Северна Македонија на својата 26 седница одржана на 23 март 2020 година, ги усвои записниците од седмиот и осмиот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID-19, одржани на 22 март и на 23 март 2020 година.

На оваа седница Владата го прифати предлогот на министерот за здравство, по препорака на Комисијата за заразни болести, за дополнително ограничување на движењето на одредени категории граѓани.

Согласно новите измени и дополнувања на Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија со забраната за движење за сите граѓани, се забранува движење на населението на територијата на Република Северна Македонија, во временски период од 21:00 часот до 5:00 часот наредниот ден. 

Дополнително, се забранува движење на лицата во Република Северна Македонија со возраст од 67 години, во временски период од 11:00 часот до 5:00 часот наредниот ден. 

Со овие измени и дополнувања се забранува движење на лицата во Република Северна Македонија со возраст до 18 години, во временски период од 21:00 часот до 12:00 часот наредниот ден, и се забранува движење на возила од јавен превоз на територијата на Република Северна Македонија, во временски период од 21:00 часот до 5:00 часот наредниот ден.

Новите одлуки за ограничување на движењето важат од 24 март 2020 година.

На оваа, 26-та седница, Владата донесе Уредба со законска сила за примената на Законот за стечај за време на вонредна состојба.

Според оваа уредба, за поведување на стечајна постапка и поведување на претходна постапка, ќе се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.

На стечајните должници кои ги исполнуваат условите за отворање на стечајна постапка или поведување на претходна постапка, нема да се отвораат стечајни постапки и да се поведуваат претходни постапки за време на траењето на вонредната состојба.

Сите започнати постапки, како претходна постапка за отворање на стечајна постапка и отворање на стечајната постапка над стечајниот должник, се одложуваат за време на траењето на вонредната состојба.

Владата донесе одлука за укинување на увозната давачка - царинската стапка за одредени стоки - потрошен медицински материјал согласно Задолжението број 15 од Петтиот состанок на Главниот координативен кризен штаб, одржан на 20 март 2020 година и Задолжението број 13 од Шестиот состанок на Главниот координативен кризен штаб, одржан на 21 март 2020 година, а во врска со ослободување на царинските давачки за сите медицински помагала и потрошниот медицински материјал кој се увезува во Република Северна Македонија.

Одлуката има за цел да се надминат евентуалните негативни последици, т.е. нарушувања на пазарот во земјата, во однос на снабденоста со овие стоки, како резултат на прогласената пандемија на Коронавирусот COVID-19 од страна на Светската здравствена организација и преземените рестриктивни мерки од страна на одделни земји во вид на ограничување на извозот на овие производи. 
 
На оваа седница Владата донесе Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за определување на највисоките цени на одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало.

Според оваа Одлука за определување на највисоките цени на одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 70 од 19.03.2020 година), во членот 1 на оваа одлука по зборовите “и дезифекциони средства ”се дополнува со зборовите “потрошен медицински материјал и медицинска опрема и апарати”. 

По ставот 2 на овој член се додава нов став 3, кој гласи: “По исклучок од ставот 2 на овој член, за производите чија увозна цена е повисока од највисоката цена што се применувала на 11 март 2020 година, треба да се користи трговската маржа утврдена до 11 март 2020 година”.

Во членот 2 на оваа одлука зборовите “ќе се применуваат до 30 април 2020 година” се менуваат и гласат: “ќе важи до завршување на периодот на постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија”.

На својата 26 седница Владата донесе Уредба со законска сила за измена на Законот за облигационите односи.

Донесувањето на оваа уредба е со цел да се олеснат условите за работа и плаќање на реалниот економски сектор, како и на граѓаните во државата во услови на сериозно нарушена економска состојба и ликвидност на правните субјекти, а како последица на пандемијата КОВИД-19 и во услови на секојдневно заострување на мерките на Владата за спречување на ширењето на вирусот во државата, што го ограничува нормалното движење на граѓаните и функционирање на реалниот сектор.

Со оваа уредба членот 266-а од ставовите (1), (2) и (6)Законот за облигациони односи се менуваат и гласат:

(1) Стапката на казнената камата се определува на месечно ниво и тоа во висина на каматната стапка од основниот инструмент од операциите на отворен пазар на Народната банка на Република Северна Македонија (референтна стапка), што важела на последниот ден од претходниот месец, зголемена за пет процентни поени во трговските договори и договорите меѓу трговци и лица на јавното право, односно зголемена за четири процентни поени во договорите во кои барем едното лице не е трговец (законска казнена камата).

(2) Кога паричната обврска е изразена или определена во странска валута, стапката на казнената камата се определува за секој месец, и тоа во висина на едномесечна стапка на Еурибор за евра што важела на последниот ден од претходниот месец, зголемена за пет процентни поени во трговските договори и договорите меѓу трговци и лица на јавното право, односно зголемена за четири процентни поени во договорите во кои барем едното лице не е трговец (законска казнена камата). 

(6) При пресметката се користи последната референтна стапка утврдена и објавена на веб страницата од Народната банка на Република Северна Македонија.

 Владата на својата 26-та седница донесе и Уредба со законска сила за примена на Законот за општа управна постапка за време на вонредна состојба, со која се уредуваат определувањето и продолжувањето на роковите во управна постапка, за време на траење на вонредната состојба.

Според оваа уредба роковите кои согласно Законот за општата управна постапка се определени за преземање на одделни дејствија во постапката, односно роковите кои ги определува овластеното службено лице, кои истекуваат за време на траење на вонредната состојба, престануваат да течат за време на траењето на вонредната состојба и продолжуваат по истекот на траењето на вонредната состојба, но само за онолку денови колку што преостанале, и тоа од денот на истекот на траењето на вонредната состојба.

На оваа седница е донесена и Уредба со законска сила за примена на Законот за основното образование за реализација и организација на наставата во основните училишта и за оценувањето на учениците за времетраење на вонредната состојба.

Според одредбите од оваа уредба со законска сила наставата во основните училишта се организира преку далечинско учење односно учење од дома, со примена на средства за електронска комуникација.
Средства за електронска комуникација, во смисла на оваа Уредба се средства кои обезбедуваат реализација на наставата без заедничко физичко присуство на учесниците во наставниот процес и кои овозможуваат взаемна двонасочна комуникација.

Средства за електронска комуникација можат да бидат видео-конференциски платформи, електронска пошта или други системи за електронска размена на податоци.

За употреба на видот на средствата за електронска комуникација од став 2 на овој член одлука донесува основното училиште.

За периодот на организирање на наставата во основните училишта преку далечинско учење односно учење од дома, наставникот може да изврши оценување на учениците.

Со примена на средствата за електронска комуникација може да се спроведат испрашувања, тестирања на учениците или да се користат други форми на утврдување и оценување на знаењето на ученикот.

Владата на оваа седница ја усвои и Уредбата со законска сила за примена на Законот за средното образование за време на вонредна состојба, која ќе се применува за реализација и организација на наставата преку далечинско учење односно учење од дома, со примена на средства за електронска комуникација.

Средства за електронска комуникација, во смисла на оваа Уредба се средства кои обезбедуваат реализација на наставата без заедничко физичко присуство на учесниците во наставниот процес и кои овозможуваат взаемна двонасочна комуникација.

Средства за електронска комуникација можат да бидат видео-конференциски платформи, електронска пошта или други системи за електронска размена на податоци.

За употреба на видот на средствата за електронска комуникација одлука донесуваат средните училиште.

За периодот на организирање на наставата во средните училишта преку далечинско учење односно учење од дома, наставникот може да изврши оценување на учениците.

Со примена на средствата за електронска комуникација може да се спроведат испрашувања, тестирања на учениците или да се користат други форми на утврдување и оценување на знаењето на ученикот.

Владата ја донесе и Уредбата со законска сила за примена на Законот за високото образование за време на вонредна состојба, со која се уредуваат начинот на изведувањето на студиските програми и проверката на знаењето на студентите во сите три циклуси на високото образование, продолжување на мандатот на органите и телата на високообразовните установи односно јавните научни установи, како и рокот за важност на постојните акредитации, односно ре-акредитации на студиските програми.

Студиските програми за стекнување на високо образование на сите три циклуси на високообразовните установи односно јавните научни установи и проверката на знаењето ќе се изведуваат преку системот за далечинско учење со примена на средства за електронска комуникација. 

Средства за електронска комуникација, во смисла на оваа уредба се средства кои обезбедуваат двонасочна комуникација при реализација на студиите без заедничко физичко присуство на учесниците во активноста.

Средства за електронска комуникација можат да бидат видео-конференциски платформи, електронска пошта и други системи за електронска размена на податоци.

Одредбите не се однесуваат на меѓународната физичка мобилност и учество на меѓународни собири на студиската програма за трет циклус-докторски студии.

За употреба на видот на средства за електронска комуникација одлука донесува високообразовната установа, односно јавната научна установа.
Преку системот за далечинско учење со примена на средства за електронска комуникација се спроведуваат предавањата, вежбите, форми на континуирана проверка на знаењето, индивидуалната настава и други облици кои се соодветни на специфичноста на наставно-научната и уметничката област, консултативно-инструктивната настава, индивидуална студиска работа (истражување на литература, семинарски задачи, проектна работа), како и одбраната на дипломска/и, магистерска/и и докторска/и задача/труд.

Полагањето на испитите и колоквиумите ќе се врши со примена на средства за електронска комуникација под услов да се обезбедени соодветни технички решенија кои обезбедуваат идентификација и контрола на работата на студентите за време на полагањето.

Работата на Стручната служба во високообразовните установи односно јавните научни установи ќе се врши со примена на средства за електронска комуникација.

Акредитацијата односно ре-акредитацијата на постојните студиските програми на сите три циклуси на високото образование, чија важност престанала или ќе престане со важност за време на вонредната состојба, продолжува да важи најмногу до една година од денот на влегувањето во сила на оваа уредба.

Високообразовната установа која до денот на истекот на мандатот на органите и телата, не извршила избор на нови органи и тела, мандатот им продолжува до изборот на нови органи и тела.

Високообразовната установа е должна најдоцна во рок од 30 дена од денот на престанување со важење на оваа Уредба да започне, односно да ја продолжи постапката за избор на органите и телата од став 1 на овој член.

На оваа седница е донесена и Уредбата со законска сила за примена на Законот за здравствената заштита за време на вонредна состојба, со која приватните здравствени установи надвор од мрежата на здравствени установи кои вршат дејност за интензивна нега и терапија, ќе ја вршат оваа дејност во мрежата на здравствени установи за укажување на здравствени услуги на пациенти заболени од заразната болест Коронавирус COVID-19.

Фондот за здравственото осигурување на Република Северна Македонија ќе склучи договори со овие институции со кој ќе се утврдат обемот и видот на здравствените услуги кои приватната здравствената установа ќе ги врши во периодот на важењето на оваа уредба, согласно прописите од областа на задолжителното здравствено осигурување.

 На 26-тата седница на Владата е донесена и Уредба за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за заштита на населението од заразни болести за време на вонредна состојба.

Во Уредбата со законска сила за примена на Законот за заштита на населението од заразни болести за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 72/20), во член 3, по ставот 3 се додава нов став 4, кој гласи:

„На лицата од член 2 ставови 2 и 4 од оваа уредба со законска сила може да им се одреди мерка строга изолација (карантин) и во угостителски објекти (хотели, мотели и сл.) кои се отстапени од страна на приватни правни лица кои вршат угостителска дејност, а кои од Владата на РСМ се определени за примена на мерката строга изолација (карантин).

За објектите утврдени во оваа уредба со законска сила се утврдуваат режимите за обезбедување, посебните простории за лицата кои покажуваат симптоми на вирусот, критериумите за исхрана, доставата на пратки (пакети) за потребите на лицата на кои им е определено мерка строга изолација (карантин), мерките за дезинфекција, работата на персоналот или волонтерите, собирањето смет и други потребни технички работи.

Превозот на лицата на кои им е определено мерка на строга изолација (карантин), од граничните премини до објектите од членот 2 став 3 и членот 3 став 4 на оваа уредба со законска сила, се одвива во два термини и тоа во 10 часот и во 20 часот, а од аеродромите од моментот на слетување.

Превозот на лицата го обезбедува Владата на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат.

На оваа седница на Владата се усвоени и Информациите за извршени инспекциски надзори за спроведување на мерките за спречување внесување и ширење на Коронавирус COVID-19 извршени на 22 и за 23 март 2020 година.
 

Извадок од Нацрт – записникот од 26-та седница на Владата на Република Северна Македонија, Точка 2

Уредба за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за заштита на населението од заразни болести за време на вонредна состојба, донесена на 26-та седница на Владата

Уредба со законска сила за примена на Законот за стечај за време на вонредна состојба, донесена на 26-та седница на Владата

Уредба со законска сила за примена на Законот за општата управна постапка за време на вонредна состојба, донесена на 26-та седница на Владата

Уредба со законска сила за примена на Законот за здравствена заштита за време на вонредна состојба, донесена на 26-та седница на Владата

Уредба со законска сила за примена на Законот за основното образование за време на вонредна состојба, донесена на 26-та седница на Владата

Уредба со законска сила за примена на Законот за средното образование за време на вонредна состојба, донесена на 26-та седница на Владата

Уредба со законска сила за примена на Законот за високото образование за време на вонредна состојба, донесена на 26-та седница на Владата

Одлука за измени и дополнувања на Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија со забраната за движење за сите граѓани, донесена на 26-та седница 

Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за определување на највисоките цени на одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало, донесена на 26-та седница на Владата

Одлука за укинување на увозната давачка – царинската стапка за потрошен медицински материјал, донесена на 26-та седница на Владата