МВР: Безбедносна состојба на подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа

Безбедносната состојба на подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа, каде е прогласена кризна состојба, е стабилна. Непречено се реализираат мото-патролите што ги спроведуваат полициските службеници. Притоа, не се регистрирани собирања на граѓани на јавни места, нема нарушувања на јавниот ред и мир и нема регистрирани сообраќајни незгоди. На терен, без проблем се одвиваат активностите кон лица што се ставени под мерки за самоизолација, здравствен надзор и домашна изолација.

Изминатово деноноќие, во периодот од 21.00 до 05.00 часот, поради непочитување на ограничувањето на движењето на граѓаните, со цел доследно спроведување на мерките за ограничено движење за време на полицискиот час и заштита на граѓаните од ширење на коронавирус COVID-19, приведени и лишени од слобода се три лица во Дебар и против нив ќе бидат поднесени кривични пријави.

Во општините Дебар и Центар Жупа без проблеми се реализираат мерките за контрола при влез на патнички и други моторни возила, како и активностите за дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини. Сите правни лица кои вршат дотур треба да се најават во Кризниот штаб на фиксниот телефон 046/831 051 по што, нивните возила со полициска придружба ќе бидат спроведени до соодветните трговски објекти. Потсетуваме дека влезот е дозволен само на лица кои се жители на општините, а истовремено е оневозможен, односно строго е забранет излезот на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини.

Упатуваме апел до граѓаните строго да ја почитуваат одлуката на Владата за забрана на движењето од 21.00 до 05.00 часот секој ден, како и дисциплинирано да се придржуваат до сите останати препорачани мерки и насоки во врска со спречувањето на ширењето на коронавирусот (COVID-19), а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници. Граѓаните, на бесплатниот телефонски број 08 0000 201 или на 192, можат да ги пријавуваат сите случаи на лица кои ги прекршуваат одредбите за задолжителна 14-дневна самоизолација. Сите оние кои ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.