МВР: Контроли за почитување на мерките на Владата за справување со КОВИД-19

Во изминатите 24 часа (25/26.03.), според евиденцијата на МВР, на територијата на државата на 368 лица им се издадени решенија за изолација, 82 потпишале изјави за самоизолација, а од страна на полициските служби извршени се контроли и е констатиран само еден случај на лице кое не ја почитувало самоизолацијата.

Покрај ова полицијата, во соработка со другите институции во изминатото деноноќие извршила и контрола врз 222 угостителски и други објекти, и во три случаи за три објекти е констатирано непочитување на владините мерки и одлуки.

По однос на контролата на забраната за движење од 21 до 05 часот утврдено е дека 66 лица не ја почитувале забраната при штоприведени биле 37 лица, а за другите се изготвени записници и ќе бидат поднесени соодветни пријави.


На подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа, каде е прогласена кризна состојба, непречено се реализираат мото-патролите што ги спроведуваат полициските службеници низ градските средини и приградските населби. Притоа, не се регистрирани собирања на граѓани на јавни места, нема нарушувања на јавниот ред и мир и нема регистрирани сообраќајни незгоди. На терен, без проблем се одвиваат активностите кон лица што се ставени под мерки за самоизолација, здравствен надзор и домашна изолација.

Во општините Дебар и Центар Жупа без проблеми се реализираат мерките за контрола при влез на патнички и други моторни возила, како и активностите за дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини. Сите правни лица кои вршат дотур треба да се најават во Кризниот штаб на фиксниот телефон 046/831 051 по што, нивните возила со полициска придружба ќе бидат спроведени до соодветните трговски објекти. Потсетуваме дека влезот е дозволен само на лица кои се жители на општините, а истовремено е оневозможен, односно строго е забранет излезот на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини.

Упатуваме апел до граѓаните, строго да ја почитуваат одлука на Владата за забрана на движењето од 21.00 до 05.00 часот секој ден, како и дисциплинирано да се придржуваат до сите останати препорачани мерки и насоки во врска со спречувањето на ширењето на корона вирусот (COVID-19), а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници. Граѓаните, на бесплатниот телефонски број 08 0000 201 или на 192, можат да ги пријавуваат сите случаи на лица кои ги прекршуваат одредбите за задолжителна 14-дневна самоизолација. Сите оние кои ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.