Владата на Република Северна Македонија денеска ја одржа својата 31-вата седница на која беа усвоени записниците од 13-тиот и 14-тиот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус COVID-19, одржани на 28 и на 30 март 2020 година.
Согласно заклучокот од 14-тиот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус COVID-19, Владата денеска заклучи да побара од НАТО да бидат активирани механизмите за цивилна заштита во услови на вонредни состојби на Евро-атлантскиот Центар за координиран одговор во случаи на катастрофи (Euro-Atlantic Disaster Response Coordination Centre – EADRCC), и задолжи работна група предводена од Секретаријатот за европски прашања, кој ја координира меѓународната помош, да подготви листа на приоритети за кои е неопходна идна асистенција од овие механизми.
Владата на денешната, 31 седница, донесе измени на уредбата за ограничено движење за да им излезе во пресрет на сопствениците на домашни миленици.
Со овие измени и дополнувања се утврдува дека за време на викендите дозволено е шетање на милениците од 20:00 до 20:30 часот, најмногу до 100 метри оддалеченост од живеалиштето, како што предлага Ветеринарната комора на Република Северна Македонија.
Владата напоменува дека понатаму важат сите претходните ограничувања, меѓу кои и забраната за групирање на повеќе луѓе на едно место.
На седницата е разгледана и усвоена Информацијата за привремена пренамена на расположливите ИПА средства од соодветните девизни сметки наменети за имплементација на ИПА програмите во буџетот на Република Северна Македонија, во функција на справување со кризата настаната како резултат на вирусот Ковид-19, и го задолжи Министерството за финансии да побара одобрување од соодветните служби на Европска комисија за привремено користење на преостанатите салда на ИПА средства од програмите ТАИБ 2009, ТАИБ 2010, ТАИБ 2011 и ИПА Компонентите III, IV и V со цел справување со кризата.
По добиената согласност од страна на Европската комисија, Министерството за финансии ќе ги префрли средствата на соодветни сметки кои ќе бидат наменети во функција на справување со кризата настаната како резултат на вирусот Ковид-19.
Како дополнителен заклучок во врска со ова, Владата го задолжи Министерството за финансии да ги врати позајмените средства од Буџетот на Република Северна Македонија по завршување на кризата, односно, во рокот и согласно насоките кои ќе се добијат од Европската комисија.
Владата на Република Северна Македонија на оваа своја седница го разгледа и донесе Протоколот за влез во Република Северна Македонија на странски дипломати акредитирани во земјата и членови на нивните семејства, и го задолжи Министерството за надворешни работи веднаш да ги извести сите странски дипломатско конзуларни претставништва акредитирани во Република Северна Македонија за усвоениот Протокол.
Согласно Протоколот, странските дипломати и членовите на нивните семејства при влез во земјата начелно не треба да бидат изземени од мерката задолжителен карантин. Со цел да се почитува Виенската конвенција за дипломатски односи, а во исто време и да се почитуваат националните закони и правила (кои дипломатите согласно Виенската конвенција мора да ги почитуваат) мерката државен карантин ќе се применува само онолку колку што е нужно.
За спроведување на овие мерки се задолжени Министерството за внатрешни работи и Министерството за здравство.
На денешната седница беше усвоена и Уредбата со законска сила за примена на Законот за здравствената заштита за време на вонредна состојба со која се уредува вршењето на дејноста интензивна нега и терапија на пациенти заболени од заразната болест коронавирус COVID-19 во мрежата на здравствени установи за време на траење на вонредна состојба од приватни здравствени установи кои не се во мрежата на здравствени установи.
Со измената и дополнувањето на Уредбата се овозможува вршење на услугата за детекција на коронавирус COVID-19 во микробиолошка лабораторија во мрежата на здравствени установи за време на траење на вонредна состојба и од приватни здравствени установи кои не се во мрежата на здравствени установи, со цел зголемување на капацитетите за давање на вакви услуги, во услови на донесена Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба.
Согласно Oдлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба со која се утврдува постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија за период од 30 дена заради заштита и справување со последиците од ширењето на коронавирусот COVID-19, а врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Владата на Република Северна Македонија ги донесе Уредбата со законска сила, за примена на Законот за ученичкиот стандард за време на вонредна состојба, Уредбата со законска сила за примена на законот за студентскиот стандард за време на вонредна состојба, Програмата за изменување на програмата за остварување и развој на дејноста во ученичкиот стандард за 2020 година, и Програма за изменување на програмата за остварување и развој на дејноста во студентскиот стандард за 2020 година.
Имајќи ја предвид прогласената вонредна состојба во државата, со овие уредби со законска сила се регулира овозможување ученичките домови, како и со измените во Програмите за ученички и студентски стандард, ќе се овозможи ученичките и студентските домови да се користат како сместувачки капацитети за превенција од ширење на коронавирусот (COVID 19).
Владата ја усвои Уредбата со законска сила за роковите во судските постапки за време на вонредната состојба за постапувањето на судовите и Јавните обвинителства, според која законските и преклузивните рокови за поднесување на тужба во парнична постапка, приватна тужба во кривична постапка, предлог за кривично гонење, предлог за поведување на вонпарнична постапка, поднесување на барање за присилно извршување, постапка за обезбедување на побарувањата, тужба за поведување управен спор, иницирање на постапка пред Уставен суд или иницирање и поведување на друга судска постапка, престануваат да течат во моментот на стапување во сила на оваа Уредба се до престанување на вонредната состојба. Законските и преклузивните рокови за изјавување на правни лекови, правни средства или за преземање процесни дејствија во постапките престануваат да течат за време на вонредната состојба.
Во кривичните и прекршочните постапки, роковите за изјавување на жалба или приговор на одлуките со кои постапката завршува, како и за изјавување на вонредните правни лекови, престануваат да течат за време на вонредната состојба.
Со оваа Уредба издавањето на упатните акти за изречена казна затвор до три години се одложува до 1 септември 2020 година, освен за предмети каде што постои опасност за застарување на извршување на казната.
На судиите-поротници на кои мандатот им истекува за време на траење на вонредната состојба, по сила на оваа Уредба, мандатот им се продолжува се до завршување на постапката по судскиот предмет. Судовите во Република Северна Македонија, се должни при постапувањето, закажувањето и одржувањето на расправите да се придржуваат на Одлуката на Судскиот совет на Република Северна Македонија, за постапување на судовите во Република Северна Македонија во услови на зголемена опасност од вирусот КОВИД-19, од 17.03.2020 година. Со оваа Уредба се задолжуваат јавните обвинители извршувањето на функцијата на јавното обвинителство да ја организираат и извршуваат согласно Задолжителните упатства на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, донесени во врска со вирусот КОВИД-19 .
На оваа седница е усвоена одлука за дополнување на Одлуката за посебни услови за трговијата на одделни стоки. Со оваа Предлог-одлука на трговците на аргуми свежи или сушени и тоа: портокали, мандарини, клементини, грејпфрут и лимони, со тарифен број 0805, им се забранува да вршат трговија на мало на крајни потрошувачи во објектите кои се наменети за трговија на големо на овие стоки (магацини, складови за трговија на големо, на пазарите за трговија на стоки на големо, како и во други деловни простории кои ги исполнуваат условите пропишани со закон и друг пропис).
Одлуката се предлага на предлог на Државниот пазарен инспекторат, бидејќи инспекторите констатирале дека на терен трговците на големо вршат манипулација и прикажуваат промет остварен во најголем дел од трговија на мало, а не од трговија на големо иако истите не располагаат со продажни објекти наменети за трговија на мало.
На денешната седница беше донесена и Уредба со законска сила за примена на Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во „Службен весник на Република Македонија“ за време на вонредна состојба. Според Уредбата, објавувањето на законите и другите прописи, акти и издавањето на службеното гласило „Службен весник на Република Северна Македонија“ за време на траењето на вонредната состојба се врши само во електронска форма.
Донесувањето на оваа уредба е со цел намалување на трошоците за Jавното претпријатие „Службен весник на Република Северна Македонија“ во однос на печатените изданија и нивна дистрибуција, со што ќе се зголеми на ефикасноста на процесот на објава на Уредбите со законска сила, и на другите прописи, со цел веднаш да бидат достапни за широката јавност, за време на вонредната состојба, а ќе се укине целосно потребата од непосредна дистрибуција на печатените изданија до крајните корисници, што е во согласност со мерките на Владата за спречување на ширењето на КОВИД-19.
Владата на Република Северна Македонија на денешната 31-ва седница донесе Уредбата со законска сила за примена на Законот за железничкиот систем за време на вонредна состојба, со која се регулира компензирање на трошоците за време на траење на вонредната состојба, како и регулирање на исплата на неостварениот приход од продажба на билети за оние патнички возови кои се укинати за време на траење на вонредната состојба и регулирање на исплата на неостварениот приход по основ на надоместок за користење на железничката инфраструктура.
На денешната 31 седница, Владата ја разгледа и усвои и Информацијата за извршените инспекциски надзори на 27, 28 и 29 март 2020 година.
Уредба со законска сила за примена на Законот за студентсиот стандард за време на вонредна состојба
Уредба со законска сила за примена на Законот за ученичкиот стандард за време на вонредна состојба
Уредба со законска сила за примена на Законот за здравствена заштита за време на вонредна состојба
Уредба со законска сила за примена на Законот за железничкиот систем за време на вонредна состојба
Уредба со законска сила за роковите во судските постапки за време на вонредна состојба и постапувањето на судовите и јавните обвинителства
Извадок од Нацрт – записникот од 31-та седница на Владата на Република Северна Македонија, Точка 1
Извадок од Нацрт – записникот од 31-та седница на Владата на Република Северна Македонија, Точка 2
Програма за дополнување на програмата за остварување и развој на дејноста во ученичкиот стандард за 2020 година
Програма за дополнување на програмата за остварување и развој на дејноста во студентскиот стандард за 2020 година