Министерството за правда подготви уредба за да ја олесни постапката на донаторите во нивните хумани намери да донираат на буџетските корисници за тие полесно да се справат со состојбите предизвикани од коронавирусот Ковид-19.
Владата на Република Северна Македонија денеска ја усвои Уредбата со законска сила за примена на Законот за донации и за спонзорства која предвидува дека донаторите не треба повеќе да поднесуваат барање за потврдување на јавен интерес до Министерството за правда, бидејќи за овој вид на донации со уредбата е утврдено дека се од јавен интерес.
Тоа значи дека донаторите за да остварат даночно олеснување за овој вид на донации, до Управата за јавни приходи не треба повеќе да доставуваат копија од решение на Министерството за правда за потврден јавен интерес на донацијата, како што беше досега.
За сите други донации, донаторите ќе можат барањето за потврдување на јавниот интерес и придружните документи да ги доставуваат до Министерството за правда и во електронска форма, а Министерството ќе може да ја спроведува оваа постапка и по електронски пат, што досега не беше законски признаен начин на спроведување на постапката.
За донациите наменети за справувањето со коронавирусот Ковид-19, како и за секоја друга донација во јавните дејности, опфатена со членот 2 од Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности, даночното поттикнување пред Министерството за финансии (за поврат на ДДВ-то) и пред Управата за јавни приходи (за даночното поттикнување кај данокот на личен доход и кај данокот на добивка), ќе може да се спроведува како во хартиена форма така и електронски.