Трите денари од повисоката акциза за нафтените деривати одат директно во буџетот за справување со коронавирусот, промената е незначителна бидејќи горивата поевтинија за 20 денари по литар од јануари до сега

Владата на Република Северна Македонија донесе Уредба со законска сила за дополнување на уредбата со законска сила за примена на законот за акцизите за време на вонредна состојба.

Со оваа Уредба се пропишува износот на акцизата за безоловен бензин со содржина на олово до 0,013 грама на литар, за гасно масло како погонско гориво, односно дизел горивото, за гасното масло како гориво за греење. 

Уредбата е донесена за да се ублажуват економските последици од зголемените трошоци за справување со коронавирусот КОВИД-19 и обезбедување средства за редовно сервисирање на буџетските потреби, а имајќи ја предвид вонредната состојба во државата и забраните и ограничувањата за движење на населението, економските состојби во државата и намалената потрошувачка на горива во периодот на вонредната состојба, како и драстично намалената малопродажна цена на горивата на пазарот.

За Уредбата денеска во Владата се одржа прес конференција на деталите од оваа уредба ги соопшти портпаролот на Владата Муамет Хоџа. Обраќањето на Хоџа ви го пренесуваме во целост:

 

 

Почитувани граѓани на Република Северна Македонија,

Почитувани претставници не медиумите,

Владата на Република Северна Македонија донесе Уредба со законска сила за дополнување на уредбата со законска сила за примена на законот за акцизите за време на вонредна состојба.

Со оваа Уредба се пропишува износот на акцизата за безоловен бензин со содржина на олово до 0,013 грама на литар, за гасно масло како погонско гориво, односно дизел горивото, за гасното масло како гориво за греење, како и роковите за попис на затечени залихи на енергенти, подготовка на записник и поднесување на записникот до надлежниот царински орган од страна на увозникот, трговецот на големо и трговецот на мало на енергенти и за плаќањето на разликата на акцизата при зголемување на акцизата на енергенсите. 

Уредбата е донесена за да се ублажуват економските последици од зголемените трошоци за справување со коронавирусот КОВИД-19 и обезбедување средства за редовно сервисирање на буџетските потреби, а имајќи ја предвид вонредната состојба во државата и забраните и ограничувањата за движење на населението, економските состојби во државата и намалената потрошувачка на горива во периодот на вонредната состојба, како и драстично намалената малопродажна цена на горивата на пазарот.

Воедно, зголемувањето на износот на акцизата нема да предизвика дополнителни финансиски импликации за правните субјекти и населението, со оглед на фактот дека значителниот пад на цената на нафтата на светските берзи во овој период предизвикува значително намалување и на малопродажните цени на горивата во нашата земја.

Напоменувам дека предложениот механизам овозможува и постепено враќање на постојните износи на акцизи во услови на нормализирање на цените на пазарот, што се очекува тогаш кога ќе заврши состојбата предизвикана од здравствено-економската криза заради коронавирусот.

Согласно оваа уредба цената на акцизата на нафтените деривати опфатени со неа се зголемува за 3 денари. 

Имајќи предвид дека имаме пад на цената на нафтата од околу 20 денари во период од 8 јануари до 6 април оваа година, имаме услови за преземање на ваква мерка, односно зголемување на акцизата за нафтените деривати како анти кризна мерка во борба против КОВИД - 19. 

Потенцирам дека сите средства од зголемувањето на акцизата на нафтата ќе одат во Буџетот на Северна Македонија за справување со коронавирусот за поддршка и финансирање на мерки за поддршка на стопанството и социјалните мерки за поддршка на граѓаните. 

Почитувани,

Промената на цената на акцизата е незначителна во споредба со падот на цената на нафтата од јануари до сега. 

Со падот на цената на нафтата од околу 20 денари од почетокот на годината до сега, промената на цената на акцизата е незначителна во споредба со ова големо намалување. 

Тврдењата дека зголемувањето на акцизата ќе се одрази негативно на цените и дека ќе трпи транспортната, или другите дејности врзани за нафтените енергенси, се финансиски неоправдани и неосновани. 

Во услови кога цената на нафтата е падната за 20 денари, зголемување на акцизата од 3 денари во услови на криза е оправдано и истото нема да се одрази на цените на транспортните услуги.

Напротив транспортните компании на почетокот на годината кога ги креирале своите финансиски планови не предвиделе ваков пад на нафтата, согласно тоа истите веќе остваруваат заштеди по основ на цените на нафтата кои ги плаќаат.

Од почетокот на годината, цената на нафтата е падната за околу 20 денари по литар.

 






 

Намалување од почетокот на годината 

08.01.2020

06.04.2020

 

ЕУРОСУПЕР БС – 95

68 ден 

48 ден

  • 20 ден

ЕУРОСУПЕР БС – 98

70 ден 

50 ден 

  • 20 ден

ЕУРОДИЗЕЛ БС 

62.5 ден 

45 ден 

  • 17.5 ден

ЕЛ-1

51.5 ден 

33.5 ден 

  • 18 ден 

 

Табела за покачување на акцизата 




 

АКЦИЗА 

Моментално 

  • 3 денари 

ЕУРОСУПЕР БС - 95

21.69

24.69

ЕУРОСУПЕР БС - 98

21.69

24.69

ЕУРОДИЗЕЛ БС 

15.12

18.12

ЕЛ-1

6.14

9.14

 

Што значи покачувањето на акцизата на нафтата за +3 денари за буџетот?

Во 2019 година во буџетот на Северна Македонија биле наплатени 240 милиони евра по основ на акциза од дизел, безоловен и екстра лесно. Во 2020 планот за акцизите по овој основ беа за околу околу +15 милиони евра споредено со 2019. Со намалениот пад на потрошувачката, проектираните помали приходи по основ на акциза, за оваа година, изнесуваат околу 45 милиони евра.

Според проектираните сценарија по кризата на годишно ниво падот на приходот по основ акциза од нафтени деривати при драстично намалено ниво на потрошувачка би изнесувал 12% споредено со 2019 година или 30 милиони евра ако остане моменталната цена на акцизата.

Веќе споменавме дека сите средства од зголемувањето на акцизата на нафтата ќе одат во буџетот на Северна Македонија за справување со коронавирусот. 

Доколку цените на акцизите се зголемат за 3 денари до септември, при истото драстично намалено ниво на потрошувачка ќе се покријат 18 милиони евра т.е намалувањето ќе биде 12 милиони евра. Или, во буџетот по основ на акциза за нафтени деривати ќе има 228 милиони евра , односно 12 милиони или -7,5% помалку споредено со 2019. 

Ако цените на акцизите се зголемат за 3 денари до декември, ќе се покријат 31 милиони евра, или 241 милион евра т.е. на годишно ниво ќе има плус 1 милион евра споредено до 2019 година, но секако сѐ уште помалку за околу 14 милиони евра споредено со планот за 2020 или проектирани 255 милиони евра по основ на акциза за нафта.

За оваа мерка да биде ДОБРО и ПРАВИЧНО решение зголемувањето на акцизата за +3 денари, ќе важи како анти-кризна мерка доколку не се промени/зголеми цената на нафтата, односно:

  • Ако малопродажната цена се зголеми за 10 денари, акцизата ќе се намали за -1 денар, така ќе остане покачена за +2 денари 

  • Ако малопродажната цена се зголеми за 20 денари, акцизата ќе се намали за -3 денари, или ќе се врати на цената која ја имаме во моментов пред воведување на оваа анти-кризна мерка 

Почитувани,

Сакам да ја информирам јавноста и граѓаните со уште некои информации кои одат во прилог на оправданоста на зголемувањето на акцизата на нафтените деривати како анти-кризна мерка.

Најниската цена на акцизата за нафтени деривати во ЕУ е утврдена на 0.33 еур по литар. 

Северна Македонија има најниска цена на акцизата во споредба со висината на акцизата со другите земји спрема поставениот минимум во ЕУ.

Табелата тоа многу јасно го прикажува:

Ако го земеме Еуродизел БС на пример: Цената на акцизата за ова гориво во нашата земја изнесува 15,12 денари, за разлика од Романија каде што таа е 21,05 денари, потоа во Црна Гора каде што изнесува 27,08 денари, или во Бугарија каде што изнесува 20,33 денари.
 



Држава

Цена на акциза за ЕУРОДИЗЕЛ БС 

Северна Македонија

15.12 денари

Романија

21.05 денари

Полска

20.73 денари

Унгарија

20.74 денари

Црна Гора

27.08 денари

Чешка Република

26.18 денари

Бугарија

20.33 денари

Хрватска

25.41 денари

Словенија

28.86 денари

Австрија

26.15 денари

Германија

29.89 денари

БиХ

17.27 денари

Косово

22.15 денари

Грција

25.23 денари

Србија

29.58 денари

Албанија

17.85 денари

Италија

37.99 денари

 

Понатаму, Северна Македонија има најниска цена на нафта во регионот.

Тоа е јасно видливо и од табелата каде што е прикажана споредбата на цена со земјите од регионот.

Цените на Еуросуперот 95 и Еуродизелот БС во нашата земја изнесуваат 48 и 45 денари, додека во Бугарија се со цена од 58 и 61 денар, а во Србија со цена од 73 денари за двата вида гориво.

Во Косово, Албанија и Грција цените се уште повисоки во однос на цените во нашата земја.




Држава

ЕУРОСУПЕР БС - 95

ЕУРОДИЗЕЛ БС

Северна Македонија

48 денари

45 денари

Бугарија

58 денари

61 денари

Србија

73 денари

73 денари

Косово

74 денари

73 денари

Албанија

82 денари

78 денари

Грција

86 денари

82 денари

 

Почитувани

Покачувањето на акцизата на нафтата за +3 денари е директна инјекција за државниот буџет за справување со кризата предизвикана од коронавирусот.

На крај сакам да повторам уште еднаш, 

Сите средства од зголемувањето на акцизата на нафтата ќе одат во Буџетот на Северна Македонија за справување со коронавирусот за поддршка и финансирање на мерки за поддршка на стопанството и социјалните мерки за поддршка на граѓаните.

Тоа се средства и за нашиот здравствен систем кој и до сега успешно се справува со последиците од КОВИД-19, кои заедно со сите нас учествуваат во создавањето услови за стабилизирање на животот и постепено нормализирање под изменети услови.