Од 49-тата седница на Владата: Започна постапката за прогласување на Шар Планина за Национален парк и за Осоговски Планини за заштитено подрачје од 5-та категорија; Донесени Уредбите за основно, средно и високо образование

Владата на Република Северна Македонија на денешната 49-та седница, ги разгледа и усвои Информациите за потребата, како и одлуките за прифатливост за прогласување на дел од Шар Планина за заштитено подрачје во категорија II - Национален парк и за прогласување на дел од Осоговските Планини за заштитено подрачје во категорија V - заштитен предел, тргнувајќи од јасна политичка волја и определба да се стават под заштита природните убавини и реткости.

За реализација на оваа одлука Владата го задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање да спроведе јавна расправа по овие предлози и конечниот предлог да го достави до Владата на Република Северна Македонија за разгледување и усвојување, најкасно до крајот на месец септември 2020 година.

На оваа седница Владата донесе измена на Уредбата со законска сила за субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за време на вонредна состојба.
Со оваа измена ќе се обезбеди усогласеност со Уредбата за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено–економската криза предизвикана од коронавирусот КОВИД-19, заради  исплата на платите, односно со неа се предвидува можноста најпогодените сектори (угостителството, туризмот, транспортот) да користат и друг вид на поддршка предвидена освен со оваа уредба. 

Дополнително, со усогласувањата, се утврдува дека работодавачот кој ќе користи мерка за субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување , не смее да го намали бројот на вработени во месец април 2020 година, како и два месеци после нејзиното престанување (заклучно со месец август 2020 година), освен во оправдани услови дефинирани во законот за работни односи, како пензионирање или откажување на договор од страна на работникот, но не повеќе од утврдениот процент.

На барање на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Владата денеска утврди мислење да му предложи на Уставниот суд во најкраток можен рок да ја укине изречената времена мерка, а поднесената иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на и законитоста на Уредбата со законска сила за јавнообвинителските службеници, истражителите и другите вработени во Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите и за финансирање на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 90/2020), во целост да ја отфрли како неоснована.

На оваа седница Владата оформи мислење и за иницијативата доставена до Уставниот суд за оценување на уставноста на Уредбата за прашања поврзани со изборниот процес, во кое се истакнува дека одредбите од Уредбатa со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес се целосно во согласност со Уставот на Република Северна Македонија, и заради што на Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесената иницијатива во целост да ја отфрли како неоснована.

На оваа своја седница, Владата донесе измени на Уредбата за примена на Законот за основното образование за време на вонредна состојба, Уредбата за примена на Законот за средното образование за време на вонредна состојба и Уредбата за примена на Законот за високото образование за време на вонредна состојба.

Со Уредбата за основното образование, се уредуваат роковите за објавување јавен повик за покривање на трошоците за котизација и пат за учество на еден меѓународен натпревар на акредитираните здруженија на наставници, за запишување на децата во прво одделение во основно училиште, за продолжување на мандатот на органите за управување и раководење со основните училишта и за бројот на наставните денови.

Уредбата определува дека наставната година  во  основните  училишта  ќе заврши на 10-ти јуни 2020 година, преку далечинско учење односно учење од дома, со примена на средства за електронска комуникација, а запишувањето на децата во прво одделение во основно училиште за учебната 2020/2021 година, ќе се реализира во месец јуни.

Уредбата за средното образование за време на вонредна состојба утврдува дека во учебната 2019/2020 година наставната година во средните училишта за учениците ќе заврши на 10 јуни 2020 година, а за учениците од завршните години во средното образование ќе заврши на 19-ти мај 2020 година, преку далечинско учење односно учење од дома, со примена на средства за електронска комуникација.

Со оваа Уредба се определува дека учениците од завршните години на образованието во учебната 2019/2020 година се ослободуваат од полагањето на државна матура, училишна матура, завршен испит со тригодишно траење и завршен испит со четиригодишно траење во средното гимназиско образование, средното стручно образование, средното уметничко образование и средното образование за ученици со посебни образовни потреби, и дека на овие ученици училиштето ќе им издаде диплома за завршено средно образование, која сè издава само за учебната 2019/2020 година.

Со Уредбата со законска сила за високото образование за време на вонредна состојба се продолжуваат роковите за важење на акредитацијата на постојните студиските програми на сите три циклуси на високото образование.

Уредбата исто така определува дека во академската 2020/2021 година на прв циклус академски и стручни студии, како и на академски студии од областа на уметностите, може да се запише и лице кое се стекнало со диплома за завршено средно образование во траење од четири години во учебната 2019/2020 година, согласно Уредбата со законска сила за примена на Законот за средното образование за време на вонредна состојба. 

На денешната седница Владата донесе дополнување на Уредбата за носење лична заштита на лицето заради спречување на ширењето, сузбивање на заразната болест предизвикана од коронавирусот КОВИД-19 и заштита на населението за време на вонредна состојба, со која се определуваат институциите и се прецизираат одредбите за надлежноста за изрекување и за извршување казни за неносење заштитна опрема за физички и правни лица.

Согласно измените за прекршоците кога сторител на прекршокот е домашно или странско физичко лице, се издава прекршочен платен налог согласно закон, а прекршочната постапка ја води и прекршочна санкција изрекува Комисијата за одлучување по прекршоците во Министерството за внатрешни работи.

За прекршоците кога сторител на прекршокот е странско физичко лице, домашно или странско правно лице и одговорно лице во правното лице, прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува надлежниот суд.

Владата денеска ја донесе одлуката за начинот на уплата на средства на сметката за донација на Фондот за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од коронавирусот КОВИД – 19, во која се определува дека правните или физичките лица (даватели на донација) уплатата на парични средства ќе можат да ја вршат на сметката за донација на Фондот за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана  од коронавирусот КОВИД – 19, која е објавена на веб страната на Владата на Република Северна Македонија (https://koronavirus.gov.mk/merki/ekonomski-merki/merka-16).

На денешната 49-та седница, Владата ја прифати оставката на Даниел Дончев од позицијата директор на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија, поради приватни и семејни причини, како што е наведено во текстот на оставката.
 

Извадок од Нацрт – записникот од 49-та седница на Владата на Република Северна Македонија, Точка 1

Извадок од Нацрт – записникот од 49-та седница на Владата на Република Северна Македонија, Точка 2

Извадок од Нацрт – записникот од 49-та седница на Владата на Република Северна Македонија, Точка 3

Уредба со законска сила за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за време на вонредна состојба, донесена на 49-та седница

Прилог кон Уредбата со законска сила за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за време на вонредна состојба, донесена на 49-та седница

Уредба со законска сила за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за основното образование за време на вонредна состојба, донесена на 49-та седница

Уредба со законска сила за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за средното образование за време на вонредна состојба, донесена на 49-та седница

Уредба со законска сила за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за високото образование за време на вонредна состојба, донесена на 49-та седница

Уредба со законска сила за примена на Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта за време на вонредна состојба, донесена на 49-та седница

Уредба со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за просторно и урбанистичко планирање за време на вонредна состојба, донесена на 49-та седница

Уредба со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за носење лична заштита на лицето заради спречување на ширењето, сузбивање на заразната болест предизвикана од Коронавирус КОВИД-19 и заштита на населението за време на вонредна состојба, донесена на 49-та седница