Попоски се сретна со генералниот секретар на Советот за регионална соработка во ЈИЕ

Денеска, министерот Попоски го прими Хидо Бишчевич, Генерален Секретар на Советот за Регионална Соработка во Југоисточна Европа, со седиште во Сараево.

Министерот Попоски укажа на особеното внимание што Република Македонија го придава во својата надворешна политика на прашањата од регионалната соработка. Притоа, најави дека Република Македонија сериозно и посветено се подготвува за претстојното претседавање со Процесот за Соработка во Југоисточна Европа, кое ќе го превземе во јуни оваа година.

На средбата беше разговарано за планираните проекти на Советот за Регионална Соработка, како и за можностите за алокација на средства за реализација на зацртаните проекти од регионален карактер.

Меѓу другото, беа разменети и мислења за актуелните состојби во регионот на Југоисточна Европа, особено од аспект на европските интегративни процеси.