ИРГ за справување со загадување: За успешно вклопување на сите политики и мерки, неопходно е креирање на автохтон македонски зелен договор

Денеска, преку видео-конференциска врска се одржа 15-от состанок на Интерсекторската работна група за следење на состојбата со квалитетот на амбиентниот воздух и дефинирање на соодветни препораки и мерки кои треба да се преземат за подобрување на квалитетот на воздухот (ИРГ).

На состанокот, на тема „Како да продолжиме со чистиот воздух во новата нормалност“, свои презентации имаа заменик министерот за животна средина и просторно планирање и претседател на ИРГ, Јани Макрадули, како и претставничката на Невладината организација „Еко-Свест“.

Со свои дискусии се вклучија присутните членови на ИРГ, по што се донесоа заеднички заклучоци, со соодветни предлог - краткорочни и долгорочни мерки.

- Краткорочни мерки

- Еден ден во неделата да биде кога ќе се работи од дома (на пример петок);

- Еден ден во неделата без моторни возила (на пример среда);

- Еден ден во неделата наставата да се одвива по електронски пат;

- Еднаш месечно една седница на Влада да биде преку електронска платформа;

- На седниците на Комисиите, поканетите гости, да учествуваат исклучиво по електронски пат;

- Во третиот пакет економски мерки да се помагаат само оние компании кои ќе покажат и бизнис планови за идни активности во заштита на животната средина;

- Ослободување од отплата на средства доколку компанијата применува мерки од Новиот зелен договор и Парискиот договор;

- Стимулирање на компании кои своите бизнис модели ќе ги дизајнираат по принципите на циркуларната економија;

- Поставување на мини контејнери за медицински отпад;

- Усвојување и примена на Уредбата за еко налепници;

- Усогласување и прифаќање на предлозите од иницијативата: „На точак“ за создавање функционални услови за стимулирање на користење на велосипедскиот сообраќај.
 
- Среднорочни мерки

- Декарбонизација на начинот на затоплување (како во домаќинствата, така и во јавните институции);

- Забрзана имплементација на Планот за чист воздух;

- Да не постои јавна институција која загадува;

- Субвенционирање на домаќинствата за замена на затоплувањето доколку истото загадува;

- Заштита на производителите на обновливи извори;

- Масовен проект „Реновирање на зградите“ за зголемена енергетска ефикасност;

- Изедначување на цената на екстралесното гориво со дизелот.

За успешно вклопување на сите политики и мерки, неопходно е креирање на автохтон македонски зелен договор, со вклучување на домашното знаење и експертиза од сите чинители, јавни институции, граѓански организации, приватен сектор и академска заедница. За подготовка на овој договор веќе има неколку меѓународни организации кои сакаат да го поддржат неговото реализирањ,.

Со креирање на овој договор, ќе покажеме зрелост пред дефинирањето на зелениот договор за Западен Балкан кој очигледно во услови на пандемијата ќе има задоцнување низ институциите во бриселските ходници.

Овој договор по концепт е компатибилен и дава поддршка на предложените мерки од 20-тина граѓански организации, а иницирани од страна на WWF.