Тетово до крајот на годината пред предвидениот рок ќе го добие првиот затворен пливачки базен, и покрај отежнатите услови предизвикани од пандемијата

Директорот на Агенција за млади и спорт, Дарко Каевски и заменик-директорот, Измит Нура, денеска извршија увид во градежните активности за изградба на првиот затворен пливачки базен во Општина Тетово.

Во отежнати услови предизвикани од пандемијата на коронавирусот КОВИД-19, темпото на изградба не е забавено, и покрај најавениот рок за целосна изградба на овој проект септември 2021 година, базенот ќе биде готов на крајот на годинава, а веќе во почетокот на 2021 година ќе биде пуштен и подготвен за употреба.

Младите од Тетово ќе имаат простор за рекреација и спортување, како и практикување на еден од најздравите спортови – пливањето, што дополнително ќе помогне во намалување на последиците од глобалната здравствена криза предизвикана од корона вирусот и ќе ги поттикне младите на стекнување здрави навики, кои ќе придонесат за нивен правилен раст и развој.

Инаку, базенот е дел од проектот „Изградба на 14 пливачки базени” на Агенција за млади и спорт. Проектот предвидува изградба на затворени базени во 14 општини, што воедно е и еден од најголемите капитални проекти на АМС во делот на спортската инфраструктура.