Носителите на јавни функции ќе можат да ја напуштат државата исклучиво поради службени патувања поврзани со справување со КОВИД-19 и со евро-атлантските процеси, за што одобрување мора да даде Главниот координативен кризен штаб

На денешната 53-та седница, Владата го дополни и усвои протоколот со препораки и упатства за излез и влез на  државната граница на Република Северна Македонија за избрани функционери  вработени во Влада на РСМ и министерства, државјани на Република Северна Македонија, со заклучок дека за секое службено патување предвидено со оваа одлука одобрување треба да даде Главниот координативен кризен штаб на Владата, исклучиво ако тоа службено патување е поврзано со справување со пандемијата со КОВИД-19 и со прашања за евро-атлантските процеси на нашата земја.

ПОСТАПКИ ПРЕД И ЗА ВРЕМЕ НА ПАТУВАЊЕ

Лицата избрани носители на јавни функции, вработени во Владата на Република Северна Македонија и министерствата, државјани на Република Северна Македонија при излегување од државата поради итни неодложни државни интереси (работни обврски од државен интерес) задолжително потпишуваат изјава при излез од државата за доследно придржување кон пропишаните основни превентивни мерки за:

  • Носење на заштитна маска со избегнување на допирање на лицето (очи, нос, уста) со рацете
  • Често миење на раце или дезинфекција на раце за време на престојот надвор од државата
  • Одржување на физичко дистанцирање од 1,5-2м и намалување на физички контакти (се забранува поздравување со раце)
  • Се препорачува да не се користи јавен превоз и такси во местото на престој

ПОСТАПКИ ПО ВРАЌАЊЕ ОД ПАТУВАЊЕ

Лицата при враќање во земјата спроведуваат одредени превентивни мерки во период од 14 дена од денот на влегувањето во државата за кој период се препорачува:

  • Не е потребно спроведување на тестирање за КОВИД-19
  • Носење заштитна маска во затворен простор, а доколку се движи на јавни места и површини од отворен тип и целосно го одржува дозволеното минимално растојание од најмалку два метри од друго лице маска не е задолжителна со внимателно избегнување на допирање на лицето со рацете
  • Да се ограничат на минимум личните и професионални контакти со други лица од нивната околина и надвор од неа
  • При евентуален контакт  со други лица задолжително е носење на заштитна маска
  • Должни да се придржуваат кон упатствата за намалување на ризикот од пренесување на инфекцијата
  • Често миење на рацете или нивна дезинфекција
  • Избегнување физички контакт и одржување на дистанца од најмалку 1,5-2м при контакт лице-в-лице

Препорака:

Мерење на телесна температурата наутро, и доколку е поголема од 37,2°C или ако лицето има симптоми (треска, отежнато дишење, сува надразнителна кашлица) го контактира телефонски својот матичен лекар или ја известува  регионалната епидемиолошка служба (на постоечките телефони за контакт на ИЈЗ и ЦЈЗ) кои ќе одлучат за понатамошниот третман. Доколку состојбата бара итна хоспитализација  се повикува итна медицинска помош или со сопствено возило во придружба на еден член на семејството ја посетува најблиската КОВИД болница, со претходна најава по телефон.


Преземи протокол | Shkarko protokollin