Интервју на премиерот Спасовски за денешното издание на хрватскиот весник Вечерњи лист: Здравјето на граѓаните е врвен приоритет, ги следиме здравствените препораки и искуствата од светот, очекувам да утврдиме датум за изборите

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, даде интервју за хрватскиот весник Вечерњи лист во кое што одговара на повеќе актуелни прашања, меѓу кои и справувањата за здравствената криза, претстојните парламентарни избори, придобивките од членството во НАТО, очекувањата за евроинтеграциите, по добиената одлука од ЕУ за почеток на преговорите.

Во врска со пандемијата, премиерот Спасовски го објасни принципот на дејствување на Владата, посочувајки на процеките на домашната јавност и на СЗО дека нашата државата е соодветн поставена.

„Клучно е дека како Влада реагиравме брзо и превентивно, со што спречивме голем број новозаболени и оптоварување на здравствениот систем до позиција на блокада, како што тоа се случи со други, многу поразвиени здравствени системи и држави во Европа и во светот. Нашите напори, како и на сите земји е да имаме што е можно помалку човечки загуби, што повеќе оздравени и најмногу заштитени граѓани. Во вонредна состојба сме веќе втор месец. Воведовме рестриктивни мерки на движење, со активни апели и редовна комуникација со населението за превентивните мерки за лична заштита, а со тоа и на заштита на јавното здравје. Од оваа недела почнавме со првично релаксирање на мерките, но се уште сме многу внимателни. Во редовна комуникација сме со земјите од регионот и од Европа и светот за споделување на позитивните искуства и практики коишто спасуваат животи“, одговори премиерот Спасовски.

Прашан, како премиер и како претседател на СДСМ, околу одржувањето на изборите, претседателот на Владата, Спасовски, изјави:

„Здравјето на граѓаните е врвен приоритет и за нас како Влада и за СДСМ како владеачка партија. Работиме со максималната посветеност на здравјето на граѓаните и на јавното здравје, почитувајки ги експертските мислења и ставови на епидемиолозите и на здравствените работници и земајки ги предвид соодветните компаративни искуства од државите од регионот, Европа и светот. Од тоа се водевме во сите досегашни одлуки, вклучувајки го и последното релаксирање на некои рестриктивни мерки и на овој начин ќе продолжиме да работиме како Влада и во наредниот период. Ова се определби за фунционирање и на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Датум за изборите очекувам да утврдиме. Ние веќе имавме една лидерска средба кај претседателот на државата, на којашто како претставници на институциите и на политичките субјекти, сите, застанавме зад ставот дека е најважно здравјето на граѓаните. Во таа насока ја гледаме и потребата од одржувањето на изборите. Препораките на Комисијата за заразни болести и на здравствените власти со внимателност ги земаме предвид, очекуваме врз основа на тоа Државната изборна комисија да спроведе безбедни, фер и демократски избори, во контакти сме и со набљудувачката мисија на ОБСЕ. Сакаме безбедни, фер и демократски избори. Тоа е само најдоброто за граѓаните и за државата. Добро е да се обрне внимание на периодот на намалување на бројот на нови случаи како можност да се одржат изборите, ако се земат предвид проценките за можен нов пик на кризата есен. Ние веќе во продолжен период функционираме како техничка Влада и без Парламент во вонредна состојба. Носиме уредби со сила на закон во интерес на граѓаните, делуваме ефикасно превентивно колку што е можно, а еве сме во финална фаза и на третиот сет економски мерки за поддршка на граѓаните и на стопанството. Но ние сме демократска Влада и СДСМ е демократска партија и сметаме дека е неопходно да имаме функционален Парламент и со оглед на непредвидливоста на здравствено-економската криза, а и како контролен механизам на Владата. Изборите се веќе прогласени, како совесна и одговорна владеачка партија подготвени сме да биде утврден датум за зборите прифатлив за сите, а како премиер и како Влада остануваме цврсто определени на заштита на здравјето на граѓаните и на нивните интереси, како што се безбедни, фер и демократски парламентарни избори“.

Премиерот Спасовски, во врска со одржаниот Самит во Загреб, објасни дека овој Самит имаше за цел да ја потврди европската перспектива на државите од Западен Балкан, да испрати сигнал дека ниту во време на пандемијата не се запрени цврстите врски на ЕУ со нашите држави и да се најави економско-инвестицикиот план на ЕУ за Западен Балкан којшто ќе се промовира на есен и ние дека сме задоволни што тоа и се случи. Тој, во интервјуто, ги објасни очекувањата околу натамошните чекори во европерспективите.

„Има одлука за почеток на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ, којашто е донесена во март. Имаме јасни и силни пораки од Германија дека останува стратешки партнер на Северна Македонија на патот на европските интеграции, како и дека работата на преговарачката рамка ќе биде приоритет во досието за проширување и за време на германското претседателство со Советот на ЕУ. Ние ќе продолжиме со реформите. Се надеваме, во интерес на сите, дека пандемијата ќе почне да се повлекува, јасно е дека здравјето на граѓаните е за сите врвен приоритет и дека ќе почне очекувното усогласување на преговарачката рамка на земјава со ЕУ во јуни.  Во наредните месеци треба да очекуваме важни настани за проширувањето. На почетокот на јуни Европската комисија ќе ја објави предлог-преговарачката рамка за почеток на преговорите со нашата земја. Потоа се очекува неколку месечна дискусија и усогласување на преговарачката рамка со сите држави членки и со нас како држава, којашто преговара за членство. Согласно редовната динамика низ којашто минаа и Србија и Црна Гора, тој процес трае неколку месеци. Затоа, реално е да се очекува во текот на германското претседавање со ЕУ, на есен или на крајот од оваа година да се одржи првата меѓувладина конференција со усвоена преговарачка рамка. Тоа ќе го означи официјалниот почеток на нашите преговори за членство“, изјави премиерот Спасовски.

Во интервјуто, претседателот на Владата, Спасовски, рече дека „оваа 2020 година Република Северна Македонија живее историја“, дека покрај одлуката на ЕУ за почеток на преговорите, целосно го заокруживме членството во НАТО, што за граѓаните на нашата земја значи сигурност, безбедност, солидарност на дело, отворени перспективи за економски развој и порача дека НАТО интеграциите се потреба на целиот регион:

„Значително е зголемен бројот на заинтересираните странски инвеститори, коишто, како што е познато, сакаат сигурност таму каде што вложуваат. Како полноправна членка на НАТО, тоа во Република Северна Македонија сега го имаат. Се надевам дека ефектите ќе бидат уште повидливи како ќе се смирува здравствената криза што го зафати светот.

И во оваа прилика сакам да изразам голема благодарност и до нашите НАТО сојузници и до ЕУ партнерите за хуманитарната помош, донациите и целата поддршка што ја добивме и ја добиваме, во време на здравствено-економската криза. Тоа ги покажува на дело дел од придобивките од интеграциите, што ги остваривме со многу труд и со храбри политики на искрен дијалог и со желба за решенија на предизвиците коишто стоеја на патот. Денес сме насочени кон добрата иднина на државата. Сакам да додадам дека НАТО интеграциите се многу важни и во регионални рамки, бидејки значат стабилност и безбедност и на целиот регион и придонес во консолидирањето на демократските определби на евро-атлантските структури во регионот, на којшто заедно припаѓаме“.

На прашањето за постоењето националистички и полупистички сили во земјава и за можноста тие да ги вратат назад постигнувањата во добросоедските односи или да предизвикаат дестабилизација, премиерот Спасовски оцени дека се ова времиња на прогресивни политики коишто водат напред.

„Очекувам дека граѓаните ќе дадат поддршка да продолжи напредокот на земјава на европски и економски план. За жал водечките структури на ВМРО-ДПМНЕ и од позиција на опозиција се определени кон дестабилизирачки политики. Но за среќа тоа е видливо. Не верувам дека има граѓанин, дури и член на ВМРО-ДПМНЕ, кој си ја сака државата, а да сака да се вратат мрачните времиња на режимот, коишто се веќе минато. Северна Македонија чекори кон сигурна демократска европска иднина. На изборите ќе победи прогресивната европска опција којашто покажа дека може и којашто носи сигурност. `Се друго би значело неизвесност, што секој кој си ги сака децата, семејството, родната земја, веќе ја има отфрлено“ вели во дел од одговорите за денешниот број на изданието на хрватскиот весник Вечерњи лист, претседателот на Владата, Оливер Спасовски.  

Линк до целосното интервју на премиерот Спасовски за хрватскиот весник Вечерњи лист