Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски денеска имаше срдечен и пријателски телефонски разгоовор со премиерот на Ирска Лео Варадкар во кој доминираат взаемните желби и интереси за поблиска соработка меѓу двете земји.
Премиерот Варадкар упати честитки за работата на Владата во услови на пандемијата со КОВИД-19, како и за членството во НАТО и позитивната одлука на ЕУ за почеток на преговорите. Ирскиот премиер во разговорот истакна дека неговата земја останува голем поддржувач на Република Северна Македонија и нагласи дека неговата Влада е подготвена да го сподели искуството како членството во ЕУ и помогна на Ирска да ја развие својата економија да биде меѓу најсилните во ЕУ, и изрази надеж дека истото може да се случи и со Северна Македонија.
Премиерот Спасовски се заблагодари за искрената поддршка од Ирска и потенцираше дека нашата земја ја очекува преговарачка рамка во јуни, и побара поддршка за побрз почеток на преговорите. Спасовски ја издвои посебната посветеност на Владата кон имплементација на билатералните договори со Грција и Бугарија, кои значително ги подобруваат добрососедските односи и претставуваат позитивен пример во регионот.
Двајцата премиери се согласија дека Самитот Загреб 2020 за ЕУ и Западен Балкан испрати силна порака за поддршка на ЕУ за регионот.
Во телефонскиот разговор премиерот Спасовски му честиташе на колегата од Ирска Варадкар за неговата одлука повторно да ја активира својата лиценца како доктор и да се приклучи кон здравствениот тим на неговата земја за време на пандемијата како гест на силна позитивна порака за посветено лидерство.
Премиерот Варадкар се заблагодари и информираше дека Ирска почнува да ги олабавува мерките, а премиерот Спасовски информираше дека и кај нас започнува олабавување на мерките и дека по завршувањето на вонредната состојба, ќе продолжат активностите за спроведување на парламентарните избори.