Спасовски на средба со амбасадорката на Хрватска Тигањ: За да не ги доведеме во прашање преговарачката рамка и меѓувладината конференција со ЕУ, изборните рокови мора да продолжат во моментот кога ќе престане вонредната состојба

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски ја прими амбасадорката на Република Хрватска во нашата земја, нејзината екселенција, Нивес Тигањ.

На средбата беше истакната исклучително добрата билатерална соработка меѓу двете земји кои ги поврзуваат традиционално добрите односи и врски на широк план, што особено дојде до израз во актуелниот период кога Хрватска претседава со ЕУ и го организираше самитот Западен Балкан и ЕУ Загреб 2020 на кој беше уште еднаш потврдено дека регионот е составен дел на Европа и геостратешки приоритет за Европска унија.   

Амбасадорката Тигањ го информираше премиерот Спасовски дека Хрватска, како уште еден приоритет за време на нејзиното претседавање со ЕУ, доставила допис до Европската Комисија дека во јуни треба да биде поставена преговарачката рамка за Северна Македонија со што ќе се отвори патот за првата меѓувладина конференција која треба да го означи почетокот на преговорите по поглавја за заокружување на процесот за членство на земјата во ЕУ.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски се заблагодари за големиот придонес и поддршката што ги прави Хрватска за Северна Македонија во процесот на нејзините аспирации за членство во ЕУ, што е одраз и на длабокото и долготрајно пријателство меѓу двете земји и нивните народи.

Премиерот Спасовски ја оцени како исклучително важна иницијативата на Хрватска да се забрза потпишувањето на договорот за членство на Северна Македонија во Фронтекс со што значително ќе се зајакнат безбедносните капацитети на границата, за која на средбата извести амбасадорката Тигањ и која информираше дека овие денови хрватскиот контингент полициски службеници на нашата јужна граница ќе биде заменет со нов состав.

Премиерот Спасовски на средбата потенцираше дека сите прашања од особено значење за Северна Македонија, за кои Хрватска во овој период даде поттик и поддршка да се решат во најдобар интерес на земјата, треба да се заокружат во услови на функционални институции формирани врз основа на волјата на граѓаните на избори, за кои нагласи дека е од исклучителна важност да се одржат во првиот можен рок, односно дека датумот на изборите го определува Уредбата со законска сила со која што изборните дејствија се ставија во мирување и која утврдила дека изборните рокови продолжуваат во моментот кога ќе престане вонредната состојба.