Транскрипт од прашањата на медиумите и одговорите на премиерот Спасовски на предавањето на донација на неинвазивни респиратори и т.н. оксигенатори наменети за инфективните одделенија во болниците во државата.

Дали Владата ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести за 58-часовен карантин за претстојниот продолжен викенд, имајќи предвид дека досега во сите ваши изјави Вие лично се повикувате на мислењето на стручните лица и Комисијата за заразни болести?

- Сакам да потврдам дека ние досега не само што се повикувавме, туку и ги носевме одлуките врз основа на стручните луѓе, врз основа на  епидемиолозите, инфектолозите, оние коишто се задолжени за нашето здравје. Инаку, ако тоа не го правевме верувајте дека таа борба немаше да биде успешна. Политички одлуки не се решение на здравствени проблеми, туку одлуките на здравството можат да ги решат здравствените проблеми. Денеска седницата ќе биде во 17:00 часот и тогаш ќе одлучуваме по однос на овој предлог.

Дали ќе имаме нова лидерска средба за изборите, имајќи предвид дека ширењето на вирусот не стивнува вчера имавме 40 новозаболени,  дали и мислите дека имаме услови за одржување на изборите?

- Дали ќе има нова лидерска, не знам. Ги модерира претседателот на државата. Меѓутоа едно знам, датумот на изборите е детерминиран со Уредбата со законска сила, која има важење до завршувањето на вонредната состојба. Во оној момент кога ќе заврши вонредната состојба за 22 дена треба да се одржат  избори во Република Северна Македонија. Тоа е состојбата фактичка , таква каква што е. Јас жалам што сме единствена држава во светот каде што нема функционален Парламент. Ако имавме функционален Парламент изборите можеа да се одржат тогаш кога ќе се договорат политичките партии, политичките лидери. Јас очекувам дека во рамките на ова што ни е законска можност ќе има дијалог и преку дијалог ќе дојдеме до конечен ден на одржувањето изборите сите заеднички, затоа што тоа е добро за државата.

Јас сметам дека состојбата со КОВИД-19 е под контрола имајќи предвид дека кластерите кои ги имаме се веќе утврдени и луѓето, коишто се во самоизолација и појавувањето на новите случаи коишто ни се таму, не се целосно, еден дел од нив, покажува  дека може да се контролира таа ситуација и дека можеме да имаме во натамошниот период и намалување на бројката. Тоа и го покажавме  во минатото. Меѓутоа, тоа ќе зависи најмногу од граѓаните, колку сите заедно ќе успееме да ги почитуваме мерките. Секој политички одговорен човек, секој политичар во државата, кога зборува за здравјето и животот на граѓаните треба да го има тоа предвид и сѐ што ќе преземе во политичка смисла треба да биде да не се загрозува здравјето на граѓаните заради тоа што слушам деновиве дека повикуваат разноразни лидери вака направете, отпуштете ги мерките. Нема додворување кон граѓаните заради политички поени, а со тоа да го ризикувате нивното здравје и живот. Мораме да бидеме принципиелни, а изборите да бидат во оној момент кога ќе има најмногу  створени услови.

Дали има притисок од страна на ИВЗ врз институциите, ако се има предвид дека се најави протоколот како верниците  да се молат за Рамазан Бајрам, а уште нема одлука дали е тоа дозволено или не?

- Нема никој посилен од државата, ни политичар, ниту функционер, ни верски лидер, ни институција, никој апсолутно. Државата е таа која ги носи одлуките и таа која управува со системот во вакви ситуации. Ако некој мисли дека ќе врши притисок по разноразни основи, ако му паднало на памет, а можеби и нема таков притисок. Треба да знае дека со притисокот нема да издејствува ништо, нема да ги носиме така едноставно одлуките. Ако носевме одлуки под притисок, верувајте требаше да имаме по 2 седници на ден, па сабајле да кажеме дека ќе имаме рестриктивни мерки, па попладне кога ќе се јават незадоволните од рестриктивните мерки да носиме сосема спротивни мерки. Ние сме одговорни, сериозни луѓе, а како Влада покажавме дека носиме одлуки кои се исклучиво во интерес на граѓаните, на државата и во интерес на заштита на здравјето на граѓаните. Така да нема можност за притисоци и ќе ја донесеме одлуката на  седница на Влада врз основа на мислењата и анализите кои ги има.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицковски, рече дека економските пакети не даваат резултат, Ваш коментар?

- Што да коментирам?! Ако имате лидер на опозиција, кој во десет дена има 20 става, мислам дека повеќе од тоа коментар не треба. Меѓутоа, сакам да ви кажам дека сите три сета на мерки се насочени исклучиво кон заштита на економијата, кон заштита на работниците, кон заштита на граѓаните и кон поддршка на ревитализацијата на економијата. Имаме конкретни податоци, кои можете да ги добиете и да видите колку компании, колку работници ги искористиле мерките од првиот сет, колку од вториот сет на мерки, тоа што треба да го операционализираме сега ќе опфати вкупно околу 770 илјади граѓани во државата, ќе имаме 5,5 проценти од Бруто домашниот производ, којшто ќе го дадеме на компаниите и граѓаните за да може да успешно ја сочуваме економија и да можеме успешно да рестартираме. Така да ние се држиме кон тоа да носиме правовремени одлуки за економски мерки, да помогнеме на стопанството, да помогнеме на работниците. А политиката верувајте, јас реков уште во почетокот на кризата, а и се уште стојам на овој став, дека оној кој мисли да профитира од здравствена криза и мисли дека ќе профитира на здравјето и животот на граѓаните најмногу ќе изгуби во очите на граѓаните.

Дали од она што досега го кажавте ќе се донесе одлука за 58-часовен карантин?

- Можете да констатирате дека во 17:00 часот ќе има седница на Влада и ќе донесеме одлука.

Кој е Вашиот коментар на барањето на министерот за внатрешни работи за 15.000 денари награда за припадниците на МВР, колку е тоа е прифатливо и колку тоа кореспондира со наградите за здравствените работници, а во овој случај е помалку од она што се предлага за МВР?

- Како гол популизам, кој никако не може да се поврзе со наградите за здравството! Ќе ви кажам пример. Кога се правеше ребалансот на буџетот, министерот за здравство се бореше на Влада да останат парите во буџетот и да додадеме за да им даде на здравствените работници награда. Министерот за внатрешни работи понуди 88 милиони денари да врати во буџетот за други потреби, бидејќи не му требале во МВР. Само тоа говори доволно за фактот, колку е сериозен во намерите.

Како го коментирате однесувањето вчера на министрите за финансии и економија, кога новинари им поставија прашања, да не кажам имаа едно несоодветно однесување, дали разговаравте за тоа, бидејќи на секое ваше појавување ги пофалувате новинарите, снимателите и медиумите и се заблагодарувате за досегашната работа. Кој е Вашиот коментар?

- Прво не само што сметам дека е обврска, туку ја кажувам таа реална ситуација како што е. Ако лекарите се борат на полето на здравството да ги сочуваат животите на граѓаните, тоа не би било можно ако вие не пренесувате навремени информации и не сте на првата борбена линија во делот на медиумите. Како го оценувам вчерашното излагање? Исто како и вие - несоодветно! Разговарав и побарав да исконтактираат со вас. Мислам веќе некои од министрите исконтактирале со медиумите и ќе мора да имаат поинаков начин на комуникација без разлика колку сме ние под притисок, колку не стиска времето  во носењето на одредени одлуки итн. Сето тоа е човечки од аспект на човек во одредени моменти да не ви е денот, меѓутоа од аспект на политичар, на одговорен човек мора рациото да биде пред емоциите.

Премиере, на вчерашната прес-конференција, министрите за финансии и за економија, не кажаа детали околу тоа кога и на кој начин граѓаните ќе може да аплицираат за третиот пакет економски мерки. Кога ќе бидат донесени уредбите? Кога ќе може да се аплицира?

- Во однос на мерките, операционализација на секоја од мерките од третиот сет ќе се случи преку уредби, преку програми, или преку одлуки на Влада. Веќе наредната недела ќе отпочнеме со носење на првите уредби и одлуки. Како ќе се донесува уредбата, така ќе се објасни генерално на граѓаните. Граѓаните треба да бидат спокојни, тоа што е ставено во уредбите, ќе се знае точно начинот на којшто ќе може да се искористи ова право. Тоа ќе биде најдобар начин, најлесен за нив за користење за да можат да ги остварат правата од овие мерки.

Бројот на заболени во полицијата расте и бројот на полицајци кои се во самоизолација, знаеме дека тие се најпотребни. Зошто расте бројот на заболени во полицијата и дали можеби се планира и полицајците да бидат опфатени со оној скрининг, којшто го прават здравствените власти во другите сектори?

- За заболувањата во полицијата... Сериозност мора да има секаде. И сериозност во работењето значи заштита на вработените. Зошто на пример, во Клиниката за инфективни болести немаме ниеден заболен, а тие се најизложени на евентуална опасност. Затоа што, ги почитуваат правилата, прописите, тоа што им се кажува. И, за тоа постои контрола. Така што, не само во полицијата, во секој еден сегмент, мора да се почитуваат мерките и да има контрола на тоа што се почитуваат мерките. Дали ќе правиме скрининг? Врз основа на мислењето на Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство сметаме дека треба да имаме скрининг, затоа започнуваме сега со градинките, секако тоа ќе го правиме и во другите институции. Меѓутоа, исклучиво невниманието, придонесува да имаме зголемен број на заболени во институциите. Тоа не е прв случај сега, со полицијата и со некои други институции коишто практично придонесоа за зголемен број на заболени во градовите, затоа што институциите беа инфицирани. Не е доволно само да кажете ние знаеме сѐ и ние немаме проблем, нас не нѐ фаќа ништо, се штитиме и така натаму. Мерките важат за сите и тие коишто сметаат дека никогаш можеби нема да заболат од болеста, или се однесуваат ноншалантно, се првите тие кои се изложени.
 
 
Премиере, сите оние што имаа потпишано изјава, за домашна изолација, вторите 14 дена, кои пред неколку дена со уредба ги укинавте, а кои првите 14 дена биле во државен карантин. Дали Одлуката која ја донесовте пред некој ден, важи и за нив коишто се во моментов или за тие што во иднина од тој момент треба да бидат во 14 дена самоизолација?

- Зборуваме за лица коишто поминале државен карантин,  коишто се наоѓаат на дополнителни 14 дена во домашна изолација, важи оваа Одлука. За нив се укинува самоизолацијата, бидејќи поминале државен карантин. Затоа и ја донесовме Одлуката.

Да се надоврзам на претходната изјава на министерот Филипче, дека полицијата не е баш ажурна во опоменувањето на луѓето за заштитни маски, а има и жалби од граѓаните. Што мислите, што треба да се направи? Што ќе направите, тоа да се коригира?

- Ние секој ден разговараме на Главниот штаб и на Владина седница во однос на почитувањето на мерките. Полицијата работи по наредба, и затоа мора сите тие наредби да ги почитуваат и за тоа да постои контрола. Кога зборувам за контрола, зборувам за сѐ. И да се контролирате себеси и да ги контролирате другите. Ако немаме контрола, во почитувањето на мерките, нема да имаме ниту резултати, ниту успеси. И затоа, кога зборувавме дека недозволено е, министер да излезе на телевизија и да каже  јас нема да ги казнувам граѓаните. Тоа упатува јасна порака дека тие треба да постапуваат спротивно на правилата и одлуките кои ги носиме.

Извинете, јас прашувам, бидејќи социјалните мрежи се преполни со фотографии, со луѓе, кои не ги почитуваат мерките...

- Знам на што мислите. И јас ги гледам секој ден, затоа мора полицијата да презема активности. Очигледно дека тука и политиката игра малку улога во овој период, меѓутоа, едноставно секој треба да носи и сопствена одговорност. И морална и секаков друг вид на одговорност, ако не почитува одлуки или законски норми.