За да се обезбеди заштита и грижа на децата, Владата на Република Северна Македонија донесе Уредба со законска сила за примена на Законот за работните односи за време на вонредна состојба (“Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 90), во која со членот 4 е предвидено отсуството од работа на работничка поради бременост, раѓање и/или посвојување, да продолжи да тече, а со тоа и надоместокот на плата да продолжи да се исплаќа сè до истекот на траењето на времените мерки.
Ова значи дека секоја работничка на која и завршило отсуството од работа поради бременост, раѓање и/или посвојување по прогласување на вонредната состојба (18.март 2020 година) има право да продолжи да го користи отсуството од работа, а со тоа продолжува да го користи надоместокот на плата. Наведеното отсуство може да се користи сè додека траат времените мерки и истото не е поврзано со вонредната состојба.