На денешната седница на Влада, согласно препораките на Комисијата за заразни болести, ги донесовме следниве одлуки со цел брза и ефикасна реакција за спречување на ширењето на коронавирусот.
Се воведува целосна забрана на движењето на сите граѓани во Скопје (сите скопски општини), Куманово, Липково, Штип, Карбинци, Тетово, како и Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце, почнувајќи од четврток (4 јуни) од 21:00 часот до понеделник (8 јуни) до 05:00 часот.
Во сите останати градови, се забранува движење на сите граѓани од четврток (4 јуни) од 21:00 часот до петок (5 јуни) до 05:00 часот наутро. Во сите останати општини, во петок, сабота, недела забраната започнува од 16:00 часот и трае до следниот ден до 05:00 часот наутро.
Петок (5 јуни) се прогласува за неработен ден за сите граѓани.
Во периодот од четврток (4 јуни) од 21:00 часот до понеделник (8 јуни) до 05:00 часот, се забранува посета на гробиштата на територијата на цела држава, освен во случај на погреби.
За земјоделските активности, дозволено е движење во рамки на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби.
Аптеките ќе работат непречено, а Министерството за здравство ќе изработи план за непречена работа и на здравствените установи.
Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници (во ЈЗУ и ПЗИ, како и матичните лекари) и за маркетите и рестораните кои вршат достава на производи, при што тие своите ангажмани ќе ги реализираат непречено.
Остануваат да важат сите издадени дозволи за движење за време на претходните забрани за движење кои беа воведени, особено за економските оператори и за работа организирана во смени.
Забраната за движење не важи за лицата со попреченост и за нивните придружници доколку имаат соодветна документација.
Прошетката на милениците (кучињата) ќе биде во периодите 08:00 до 8:30, 15:00 до 15:30 и 20:00 до 20:30 часот.