Од 64-та седница на Владата: Прифатени дополнувања на Уредбата за избори со задолжение до МВР за ажурирање на избирачкиот список; Ќе се субвенционираат придонесите за вработените во медиумите; Ќе се кофинансираат трошоци за организирање на настани, обуки,

Владата на Република Северна Македонија на денешната 64-та седница донесе Уредба со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес, со која го задолжува Министерството за внатрешни работи во рок од еден ден од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, да ги достави до Државната изборна комисија податоците од членот 43 ставот 6 на Изборниот законик, односно листа на државјани кои поднеле барање за издавање на нова лична карта или патна исправа по било кој основ и кои ги подигнале од денот на распишување на изборите до денот на влегувањето во сила на оваа уредба. Исто така МВР треба да достави листа на лица кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите, односно дваесет и вториот ден од престанокот на траењето на вонредна состојба.

Уредбата определува дека Државната изборна комисија податоците за овие лица ги впишува во избирачкиот список по службена должност.

Согласно уредбата, основните судови и Управата за водење на матичните книги, во рок од три дена од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, се должни да ги достават до Државната изборна комисија податоците за граѓаните, заклучно со денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила.

Со денот на влегувањето во сила на оваа уредба, Државната изборна комисија и Државниот завод за статистика се должни да ги продолжат дејствијата за ажирурање на избирачкиот список прекинати на 21 март 2020 година, согласно оваа уредба и согласно Изборниот законик.

Со денот на влегувањето во сила на оваа уредба, Државната изборна комисија е должна да ги превземе и изврши сите неопходни технички и административни активности заради подготовка на преостанатите изборни дејствија, согласно Изборниот законик.

Со оваа уредба Министерството за здравство, е должно, според утврдените протоколи од Комисијата за заразни болести, за потребите на изборите, а по добиени податоци од Државната изборна комисија, да обезбеди заштитни маски, ракавици и друга потребна заштитна опрема за сите членови на изборните органи и средства за дезинфекција за секое избирачко место.

На седницата на Владата единствен кој гласаше против оваа уредба беше министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.

Владата на денешната седница, со цел да се одблокира потпишувањето на договорот со Светска Банка за поволен заем во висина од 90 милиони евра од страна на дополнителната заменик-министерка за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, организираше расправа на која како гостин учествуваше и претставничката на нашата земја во Светска Банка Нина Фити-Неделковска, која објасни дека одолговлекувањето на потпишувањето на договорот ја става во ризик долгодишната соработка меѓу банката и нашата земја, особено во делот на исклучително доброто искуство во финансиската поддршка на социјалните и општествено одговорните политики во последните неколку години.

Аргументите изнесени на седницата, како и исклучителниот јавен интерес за потпишување на овој поволен аранжман со Светската Банка, според кој средствата во висина од 90 милиони евра се наменети за зајакнување на капацитетите на здравството за справување со КОВИД-19, за набавка на медицинска опрема, за финансирање на придонесите за здравствено осигурување за невработените и за ранливите групи, за финансирање на привремената поддршка за невработените со обезбедување паричен надоместок за оние што ги изгубиле работните места во кризата, за привремената социјална помош на посиромашните граѓани кои пред кризата не ги исполнувале условите, како и за поддршка за работниците што биле одјавени од нивните работодавачи и кои добиваат надоместоците од осигурување во случај на невработеност, не беа доволни за дополнителната заменик-министерка за финансии Димитриеска-Кочовска.

Со оваа своја постапка, да одбие да го потпише договорот за заемот од Светска Банка, беше истакнато на седницата, дополнителната заменик-министерка за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска ги доведува во сериозен ризик реализацијата на овие иницијативи за зајакнување на здравството и за поддршката на социјално ранливите категории граѓани, сега посебно погодени од кризата, и во таа насока е донесен заклучок да биде побарано мислење од Државната изборна комисија за оваа опструкција во работењето на Владата од аспект на членовите од Законот за Влада кои се однесуваат на изборот и на работењето на техничаката, односно преодната влада.

На денешната седница Владата донесе Уредба со законска сила за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување за вработени во медиумите, со која се уредуваат условите, начинот и постапката на субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за вработените во медиумите кои работеле и известувале за надминување на состојбата со КОВИД-19 за време на вонредната состојба, за месец јуни, јули и август 2020 година.

Уредбата определува кои услови и критериуми треба да бидат исполнети за стекнување на правото за користење на субвенционирањето на придонесите од задолжително социјално осигурување за вработените во медиумите.

Владата денеска усвои измени и дополнувања на програмата за развој на туризмот за 2020 година со програма за субвенции за кофинансирање на настани, обуки, семинари и конференции за оваа година.

Согласно овие измени, Владата, преку Министерството за економија, со цел поддршка на домашните хотели и надминување на ефектите од корона кризата, а со цел ревитализацијата и опоравување на економијата во земјата, ќе кофинансира трошоци за организирање на настани, обуки, семинари и конференции до 50 проценти од трошоците, но не повеќе од 30.000,00 денари.

Настаните обуките, семинарите и конференциите треба да бидат организирани во категоризирани угостителски објекти во Република Северна Македонија.

За оваа цел, Министерството за економија ќе објави Јавен повик за доделување на субвенции за кофинансирање на трошоците за организирање на настани, обуки, семинари, и конференции на кој право на учество имаат сите заинтересирани правни лица, фондации и здружениjа на граѓани, кои ги исполнуваат условите што ќе се предвидат во јавниот повик.

Јавниот повик ќе се објави во два дневни весници и веб страната на Министерството за економија www.economy.gov.mk и www.konkurentnost.mk.

На денешната седница Владата донесе измени и дополнувања на Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот КОВИД-19, за финансиска поддршка од 14.500 денари за исплата на платите и за месец јуни, согласно критериумите и измените и дополнувањата на оваа уредба.

Владата денеска ја донесе Уредбата со законска сила за примена на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам за време на вонредна состојба со која се утврдува начинот на ажурирање на документите и податоците за идентификација на клиентите, ополномоштувачите или вистинските сопственици и ополномоштувачи во услови на примена на мерки за заштита и ширење на пандемијата КОВИД-19.

На денешната седница се донесени дополнувања на Уредбата со законска сила за примена на Законот за банките за време на вонредна состојба со која се утврдува начинот на одлучување за планот за зачувување на капиталот и за преземањето мерки од Народната банка на Република Северна Македонија.

Денеска е донесена и Уредба со законска сила за начин на користење на радиофреквенциски опсези за време на вонредна состојба, со која на радиодифузерите, кои обезбедуваат радио емитување (радија), врз основа на издадено одобрение за користење на радиофреквенции во радиофреквенцискиот опсег 87.5-108 MHz, нема да им се наплати годишниот надоместок за 2020 година.

Радијата кои до денот на влегувањето во сила на оваа уредба го платиле годишниот надоместок за 2020 година, ќе се смета дека извршиле плаќање на годишен надоместок за 2021 година за користење на радиофреквенции.

Уредбата ги уредува и начинот на издавање на привремено одобрение за проширување на постоечки радиофреквенциски линкови и привремено одобрение за дополнителни радиофреквенциски линкови; начинот на издавање на привремено одобрение за користење на слободен радиофреквенциски опсег до 30 MHZ заради обезбедување на широкопојасен пристап до услуги (broadband); начинот на издавање на привремено одобрение за користење на радиофреквенциските опсези: 1920-1935/2110-2125 MHz, 1945-1950/2135-2140 MHz или 1965-1980/2155-2170 MHz, како и начинот на доделување на броеви од Планот за нумерација наменети за обезбедување на услуги поврзани со пандемијата на КОВИД-19 или услуги кои се директно предизвикани од истата, за време на траење на вонредната состојба.  

На оваа седница е донесена и Уредба со законска сила за финансиска поддршка на естрадните уметници за време на вонредна состојба, за уредување на условите, начинот и постапката за доделување на финансиска поддршка на естрадните уметници погодени од здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот КОВИД-19, за месеците април и мај 2020 година.

Предмет на финансиска поддршка е исплата на финансиски средства за месеците април и мај 2020 година, во месечен нето износ од 14.500 денари, а за исполнување на критериумите за користење на оваа финансиската поддршка ќе одлучува посебна комисија во која ќе членуваат истакнати естрадни уметници. 

Со Уредбата за примена на Законот за комунални такси за време на вонредната состојба, што денеска ја донесе Владата на оваа своја седница, се овозможува економска подршка на угостителските објекти  кои претрпиле штети во своето работење заради спроведување на мерките за спречување на внесување и ширење коронавирусот КОВИД-19, со цел нивна сигурност и одржливост во понатамошното работење и со која пресметувањето и наплатувањето на комуналната такса за користење на просторот пред деловни простории за вршење на дејност од м2 дневно, се изменува, и наместо истата да се плаќа од 5 до 15 денари за м2 дневно, се предлага да се плаќа од 1 до 15 денари за м2 дневно за периодот на времетрање на вонредната состојба, а доколку така одлучат и наместо на општините, кои ја наплаќаат оваа јавна давачка, можат да донесат одлука и да не ја наплатат јавната давачка за користење на просторот пред деловни простории.

Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информација за ставање во функција на веб-страница за електронски донации solidarnost.gov.mk, која е донација на Меѓународниот републикански институт во нашата земја (IRI) со која се овозможува донирање на финансиски средства со платежна картичка преку виртуелен ПОС терминал од страна на физички и правни лица во Фондот за помош и поддршка за справување со економско-здравствената криза предизвикана од коронавирусот КОВИД-19 при Генералниот Секретаријат на Владата на Република Северна Македонија и на посебната сметка за донации на Министерството за здравство.

На оваа седница Владата го разгледа и усвои записникот од Седумдесет и првиот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус КОВИД-19, одржан на 10 јуни 2020 година, и ги усвои протоколите за иселување на студенти од објектите на државните студентски домови и за постапување на средните музички училишта за време на полагање на квалификационен испит на учениците во учебната 2020/2021 година.

Уредба со законска сила за примена на Законот за угостителската дејност за време на вонредна состојба, донесена на 64-та седница на Владата

Уредба со законска сила за примена на Законот за спречување перење на пари и финансирање на тероризам за време на вонредна состојба, донесена на 64-та седница на Владата

Уредба со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба, донесена на 64-та седница на Владата

Уредба со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес, донесена на 64-та седница на Владата

Уредба со законска сила за примена на Законот за комуналните такси за време на вонредна состојба, донесена на 64-та седница на Владата

Уредба со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за банките за време на вонредна состојба, донесена на 64-та седница на Владата

Уредба со законска сила за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот КОВИД-19, заради исплата на платите за месеците април и мај 2020 година, донесена на 64-та седница на Владата

Уредба со законска сила за финансиска поддршка на естрадните уметници за време на вонредна состојба, донесена на 64-та седница на Владата

Уредба со законска сила за начин на користење на радиофреквенциски опсези за време на вонредна состојба, донесена на 64-та седница на Владата

Одлука за дополнување на Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на коронавирус КОВИД-19, донесена на 64-та седница на Владата

Одлука за изменување на Одлуката за определување на бројот на кандидати кои се запишуваат на Воена академија „Генерал Михаило Апостолски“, Скопје во учебната година 2020/2021 година, чие образование се финансира од Буџетот на Република Северна Македонија, донесена на 64-та седница на Владата

Програма за изменување на Програмата за развој на туризмот за 2020 година, донесена на 64-та седница на Владата

Уредба со законска сила за субвенционирање на придонеси од задолжително социјално осигурување за вработени во медиумите, донесена на 64-та седница на Владата