Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција информираше дека согласно податоците од историјата на болеста, огромен процент од починатите пациенти од КОВИД-19 се пациенти, коишто имале претходни хронични заболувања.
„Според денешната статистика, од вкупно досега 193 починати лица, најголем дел се на возраст над 60 години, а кај 76 проценти се регистрирани бројни коморбидитети, тука пред сè мислам на хронични болести на кардиоваскуларниот систем, белите дробови и шеќерна болест“, потенцираше министерот Филипче.
Тој информираше дека во изминатите денови, со кадар се засилени, Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, како и Градската општа болница (ГОБ) „8-ми Септември“ во Скопје. На Инфективната клиника по систем на ротација дојдени се пет доктори, тројца од клиниките за кардиологија, ендокринологија и Институтот за туберкулоза. Еден доктор од Клиничката болница во Тетово и еден од Општата болница во Охрид. Вкупно 27 медицински сестри од Специјалната болница „Јасеново“, болницата во Кавадарци, Кочани и од Кичево.
Според министерот за здравство, во ГОБ „8-ми Септември“ хоспитализирани се 113 пациенти. На респираторна машина се наоѓаат 10 пациенти. Во оваа установа, тимот се зајакна со шест доктори, двајца од клиниките за ревматологија и нефрологија, двајца доктори од Кичево и по еден доктор од болницата во Отешево и болницата во Гостивар, дваесет медицински сестри од Струга, Велес, Отешево, Гевгелија, и Специјалната болница „Лешок“. За време на целиот овој период, болницата функционира како КОВИД-центар, каде по потреба се извршуваат и други интервенции, за пациенти кои се позитивни на вирусот.
„Во однос на состојбата во болниците, во овој момент се хоспитализирани 318 пациенти. На Инфективната клиника - 95, од кои 37 се на кислородна поддршка, нема пациенти кои се на механичка вентилација. Во однос на потребата за зголемување на капацитетите, во изминатите два месеца интензивно работевме на дополнителниот капацитет, тоа е монтажната болница. Таа е целосно подготвена и е достапна за лекување на пациенти со КОВИД-19 вирусот. Утрово разговаравме и со директорката и се направи план за ротација на лекарскиот кадар. Тоа е болница којашто има површина од 1.000 метри квадратни и се сместени 70-ина кревети, со тријажен центар, односно за хоспитализација, прием на пациенти и секако амбулантски дел“, информираше Филипче.
„По олабавувањето на рестриктивните мерки, практично во сите земји во регионот се регистрираат нови случаи. Албанија - 57 од 362 теста, 50-на нови, исто така во Косово. Двајцата министри најавија соодветен пристап и тестирање нови случаи и во Словенија и во Црна Гора, кои практично пред некое време прогласија крај на епидемијата. Во Србија во изминатите 24 часа има 60-ина нови случаи. Телефонски разговарав со министрите за здравство на Албанија и на Бугарија, кои укажуваат на тоа дека се јавуваат нови случаи и разговаравме за начинот на којшто ние реагиравме со цел да споделиме искуства, како и евентуално врз основа на овие податоци коишто ние ги имаме, а тие сега практично ги анализираат, со оглед на новопријавените случаи, какви мерки би се преземале“, истакна министерот Филипче.
На прес-конференцијата, министерот Филипче рече дека се соочуваме со силен бран на епидемијата, но тоа што охрабрува е дека има висок процент на асимптоматски и пациенти со лесна клиничка слика коишто се наоѓаат на домашно лекување.
„Во моментот се хоспитализирани 14 проценти, додека 86 проценти се практично во домашни услови. Во однос на капацитетите на болниците, има слободни кревети и опрема, дел од медицинскиот персонал којшто е во изолација, а еден одреден дел којшто е навистина примарен го надополнуваме со оваа ротација којашто ја споменав. Тоа се лекари и медицински сестри коишто без ниту еден ден одмор интензивно работат со овие пациенти изминатите четири месеци и изложени се на ризик и во смисла на тоа многу е битно да се сфати сериозноста на оваа состојба и сите оние кои не се однесуваат, да почнат да се однесуваат одговорно“, посочи министерот Филипче и додаде дека со цел да се спречи ширењето на вирусот се прекина редовниот програм на хронични интервенции, се извршуваат само итни и неопходни со примена на сите заштитни мерки на пациентите и медицинските лица.
„Мораме сите да бидеме одговорни, да се спречи ширењето на вирусот, да се намали притисокот врз здравствените институции, коишто ги третираат овие пациенти заболени од КОВИД-19 вирусот, за да може што поскоро да се отворат сите болници и клиники за граѓаните коишто имаат потреба и пациентите. Со неодговорно однесување, со непочитување на мерките за заштита, бројот на нови случаи нема да застане. Повторувам дека не постои друг начин за спречување на ширење на епидемијата, ниту има каде било во светот. На тоа, укажаа и најновите случувања во околните земји. Соочување со нови бројки на нови случаи на пациенти по попуштање на рестриктивните мерки. Маска, дистанца и апсолутно почитување на протоколите за работа е нешто кон што сите треба да се придржуваме“, изјави министерот Филипче и додаде дека враќањето кон рестриктивните мерки не е добра опција, заради тоа што, кое било следно попуштање, без почитување на мерките, повторно ќе нѐ соочи со ова.
Тој, рече дека многу од економските оператори се уште не работат заради оваа состојба. Овие субјекти секој ден трпат загуби, градинките сѐ уште не се отворени, заради тоа што се заштитуваат децата. Министерот Филипче упати апел до родителите да им укажат на децата, на младите дека треба да носат маски за да се заштитат себеси и да не се групираат. Иако младите поретко заболуваат и се најчесто асимптоматски, тие можат да шират инфекција. Сите граѓани да ги почитуваат мерките за конечно да се стабилизира состојбата.