Сугарески - Китанов: Изградба и рехабилитација на преку 400 километри патна мрежа

„Сè она што ветивме во Владината програма активно го работиме на терен: преку 400 километри патишта, дваесетина проекти за канализации и водоводи, изградба на магистралниот гасовод и други капитални проекти“ истакна министерот за транспорт и врски Горан Сугарески. 

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, заедно со Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски, директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов и градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски извршија увид во рехабилитација на регионалниот пат Алденци-Житоше.

Регионалниот пат Алденци-Житоше се рехабилитира во должина од 10 километри, а вредноста на инвестицијата изнесува 320 000 евра. 

„Оваа Влада покажа како треба да се работи, цела држава е едно огромно градилиште и уверувам дека со исто такво темпо ќе продолжиме да работиме и понатаму. Овој пат јас го ветив пред граѓаните и ова е нашето исполнување. Активно работиме и на рехабилитација на патот Крушево–Слива-Пуста Река. Кога сме кај Крушево, сакам да истакнам дека покрај во патната мрежа инвестираме и во подобрување на комуналната инфраструктура. Завршивме со проектите за подобрување на водоснабдувањето во Борино и Саждево и при крај сме со изградба на канализацијата во Норово. Дополнително, со Општината работиме и на проектот за подобрување на водоснабдувањето во Јекреново, така што целосно ќе ги реалзираме проектите што ги имаме во програма за Крушево“ – изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески. 

Сугарески нагласи дека сите планирани капитални инвестиции ќе се реализираат со предвидената динамика. 

Директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов истакна дека рехабилитацијата на патниот правец Алденци-Житоше се реализира по барање на жителите и додаде:

„Покрај рехабилитацијата на патот Алденци-Житоше во моментов работиме и на регионалните патишта Лажани-Житоше и Крушево-Слива-Пуста Река. Сите овие проекти се во Програмата  на ЈП за државни патишта уште од 2019 година и немаат никаква врска со изборите што следуваат. Проектите предвидени за овој регион, за дел од кои тендерите се веќе објавени, а дел ги објавуваме следниот месец, се реализираат преку Европска Банка за Обнова и Развој и истите се проектираа најмалку една година. Граѓаните можат да очекуваат почеток на рехабилитација на регионалните патни правци Крушево-Демир Хисар, Кривогаштани-Крушево, Битола-Демир Хисар, Другово-Демир Хисар и Кичево – Македонски  Брод. Значи, во целиот овој регион од Кичево и Македоски Брод до Крушево, Демир Хисар и Битола периодов интензивно ќе се гради за доброто на сите граѓани“ - изјави директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов.