Ристовски: МТСП од 2001 секојдневно спроведува активности во насока на подобрување на меѓуетничките односи

На Министерството за труд и социјална политика (МТСП) редовна и секојдневна пракса му е спроведување на голем број на активности во насока на подобрување на меѓуетничките односи. Нашата работа не е такви активности да спроведуваме само кога има определени изолирани инциденти како во последниве денови, туку тоа ни е редовна активност и кога нема било какви инциденти.

Ова го истакна министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски на денешната прес-конференција во одговор на прашањето дали ќе преземат конкретни политики и мерки за градење на доверба меѓу етничките заедници по последните случување.

Министерствто за труд и социјална политика, појасни Ристовски, по конфликтот од 2001 и во целиов нареден период континуирано спроведуваше мерки кои предвидуваа активности во насока на подобрување  на мултиетничкиот карактер на нашето општество за полесно живеење  и разбирање на различностите кои постојат меѓу нас.

- Неодамна воспоставивме посебни совети за превенција во осум општини во Република Македонија во кои главна улога ќе има жената како фактор во мирното решавање на било каков спор. Од друга страна, го промовиравме и продолжуваме да го промовираме пректот „Мозаик“ во кој практично од најрана возраст во  детските градинки во мултиетничките општини функционираат мултиетнички групи на деца во кои има негователки од различни етнички заедници во групите во кои децата заеднички функционираат и растат. Продолжуваат и нашите секојдневни активности поврзани со еднаквите можности, заштитата од дискриминација по било кој основ вклучително и по верска и национална припадност, додаде министерот Ристовски.