Министерот Поповски: Со алатката за Фискална транспарентност пред јавноста ги отвораме сите донации наменети за КОВИД-19, градиме отворени и транспарентни институции и ставаме крај на лажните вести

Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, денеска ја промовираше алатката Фискална транспарентност, со која се надгради веб-страницата https://koronavirus.gov.mk/. Станува збор за алатка преку која јавноста ќе ги има на увид сите информации за средствата кои се слеваат и трошат од Буџетот на РСМ, како и евиденција на сите нефинансиски донации добиени како помош, а се наменети за справување со кризата КОВИД-19.

„На веб-страницата ќе бидат објавувани, јавни набавки направени од страна на институциите на централно ниво кои се однесуваат на справување со кризата КОВИД-19, податоци за нефинансиски донации на сите институции, податоци за финансиски донации направени на наменските донациски сметки на Генералниот секретаријат на Владата и Министерството за здравство кои автоматски се објавуваат на дневна основа, и податоци за сите исплати од Буџетот на Република Северна Македонија коишто се направени во рамките на буџетската програма „П1 – Мерки за справување со КОВИД-19 кризата“, изјави Поповски. 

За потребите на оваа алатка направена е и надградба на Електронскиот систем за јавни набавки, за сите веќе реализирани јавни набавки и за сите набавки во иднина, како и надградба на порталот Отворени финансии со делот КОВИД-19. Исто така, Владата ги задолжи министерствата и органите во состав на министерствата, како и самостојните органи на државната управа кои примиле нефинансиски донации, во рок од пет работни дена истите да ги внесат преку административниот панел што е овозможен во рамките на надградбата на веб-страницата и во иднина истите ќе треба да продолжат да ги внесуваат на оваа веб-страница.

„Со поврзување на базите на институциите со Електронскиот систем за јавни набавки, ние на едно место и овозможуваме на јавноста да се информира за сите трошења поврзани со кризата КОВИД-19. Затоа ги поканувам институциите да ги користат овие алатки и да покажат проактивност во својата транспарентност, бидејќи транспарентноста на долг рок е најдобра алатка за превенција на злоупотреби во користење на средствата од буџетот на државата“, појасни Поповски. 

Коронавирусот го смени начинот на живот, и донесе не само здравствена туку и економска криза. Во такви услови кога земјите бараат помош, финансиска, преку Јавни набавки и донации,  Владата ги исполнува заложбите за отвореност, отчетност и транспарентност и тоа не само за функционерите туку и за институциите. Во таа насока преку оваа алатка Владата им овозможува на граѓаните да имаат целосен увид во податоците за набавените и потрошени средства наменети за ковид кризата. 

 Линк до презентација од промоцијата на алатката Фискална транспарентност