Д-р Скано СЗО Европа: Импресиониран сум од посветеноста на здравствените работници, официјалните здравствени лица и сите оние кои неуморно работат за да ги заштитат луѓето од Ковид-19

На денешната прес-конференција на Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче се обрати и д-р Фабио Скано, советник на Светската здравствена организација Европа, кој е во посета на нашата земја по покана на Министерството за здравство.

Во своето обраќање д-р Скано, најпрвин се заблагодари до Министерот за здравство и Канцеларијата на СЗО за поддршката за да обезбедат целосен пристап до информации и институции и изрази посебна благодарност на Д-р Џихан Тавилах, Шефицата на канцеларијата на СЗО во Република Северна Македонија и на нејзините колеги за поддршката која и ја даваат на Владата во одговорот со Ковид.

Д-р Скано во земјава престојува од понеделникот со цел да се подобри разбирањето за еволуцијата на Ковид-19 и влијанието на постојните мерки. Во текот на посетата д-р Скано оствари средби со Претседателот Стево Пендаровски, членовите на Комисијата за заразни болести, Кризниот оперативен центар за Ковид-19, Институтот за јавно здравје, центрите за јавно здравје во Скопје и Тетово, лабораториите и другите здравствени институции кои работат со справување со кризата, како и со поединци од заедницата и верските лидери во земјата.

Тој позитивно го оцени одговорот на здравствените власти, особено заложбите на здравствените работници. Д-р Скано го нагласи фактот за поставување одговор на кризата уште пред да се појават случаите: силниот капацитет за тестирање кој овозможи идентификација на пациентите во раните фази на пандемијата, агилната пренамена на здравствените капацитети со што се овозможи соодветна здравствена грижа за пациентите со Ковид-19 и раната заштита на постарите граѓани во домовите за згрижување: 

„Одговорот кој Владата го постави беше силен и агилен. Особено сум импресиониран од посветеноста на здравствените работници, официјалните здравствени лица и сите оние кои неуморно работат за да ги заштитат луѓето од ковид-19. “ – изјави д-р Скано.

Во однос на зголемениот број на новозаразени во земјава тој изјави:
„Повторното појавување на случаите може да се менаџира – и во иднина сите напори треба да бидат насочени кон превенција од зголемување на жариштата. Ова е возможно ако Владата и заедницата работат во цврста спрега. Северна Македонија, до неодамна беше од најдобрите примери за одговор на кризата во регионот на Европа и може да биде повторно. Лекцијата е дека се додека намаме вакцина која е успешна, не можеме да „го симнеме гардот“. Акциите кои се преземаат овие денови, и во недели и месеците кои следат ќе бидат критични за да се спречи ширењето на инфекцијата и да се спасат животи. Оваа мисија навистина беше преземена точно на време. Она што го гледаме насекаде низ светот е дека вирусот не запира. Напротив, се пренесува брзо и вирусот убива, и ние треба да направиме се што е потребно за да бидеме пред вирусот.“ 

Како дел од заклучоците д-р Скано истакна:
„Треба да ја прошириме добрата работа направена до сега во идентификувањето и изолирањето на сомнителните случаи, да ги тестираме, да ги изолираме болните, неуморно да ги следиме контактите и да ги изолираме. Сега е време сите повторно да се ангажираме, општеството во целина, за да ги идентификуваме случаите и нивните контакти рано и да продолжиме со заштитните мерки. Ова е единствениот начин да бидеме пред вирусот. Целосно разбираме дека социо-економското влијание на јавните здравствени мерки предизвикуваат загриженост бидејќи ги запираат животите и живеењето на  луѓето. Сепак, здравствениот и економскиот интерес не треба да бидат контрадикторни. Одговорот мора да биде соодветен и јавните здравствени мерки треба да бидат прилагодени со нивото на трансмисија на болеста.– додаде претставникот на СЗО.

Д-р Скано ја потврди поддршката која СЗО ја дава на нашата земја за да се зајакне одговорот на пандемијата за да се заштитат животите и живеењето на граѓаните.