Премиерот Спасовски на панел-дискусија ,,Состојбата на Ромите во Република Северна Македонија: мерки, приоритети и предизвици“: Ромите се лојален дел од државата, заеднички продолжуваме да градиме перспективно и економски силно општество заедничко за сите

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија учествуваше во панел-дискусијата на тема ,,Состојбата на Ромите во Република Северна Македонија: мерки, приоритети и предизвици“, која преку видео-конференциска врска ја организираа граѓанските организации на Ромите од дијаспората:  „Кармен “, „Ромалитико“ и „Аваја“.

Во дискусијата која, опфаќаше неколку актуелни теми, покрај премиерот Спасовски учествуваа и Сами Џемаилоски, извршен директор на „Кармен“, Елвис Шаќири, извршен директор на Институтот за истражување и анализа на политики „Ромалитико“ и претставник на граѓанската организација „Аваја“, како и Алберт Мемети, програмски менаџер на „Ромалитико“ и претставник на „Аваја“. Настанот го модерираше Ибиши Енох од граѓанската организација „Кармен“.

Пред почетокот на одделните секции на Панел - дискусијата, премиерот Спасовски ги поздрави организаторите и учесниците и истакна дека ваквите настани се  заеднички чекор на најдобар можен начин да се промовира и практикува владината стратешка определба за изградба на концептот „Едно општество за сите“, по углед на големата европска идеја - Обединети во различностите.

,,Вие од дијаспората најдобро знаете што значи европската идеја „Обединети во различностите“. Еден од чекорите за остварување на оваа наша определба е и Стратегијата за Ромите во Република Северна Македонија и Националните Акциони планови, како дел од јавните политики на државата, за еднакво вклучување на Ромите во општествените текови“, рече премиерот Спасовски.

Во врска со темата за мерките, кои Владата ги презеде за време на кризата од КОВИД -19 и идните чекори што Владата ќе ги преземе за ублажување на економските последици, премиерот Спасовски посочи дека во оваа насока се донесени мерки за поддршка на самостојните занаетчии, односно финансиска поддршка од 14.500 денари поддршка за самостојни вршители на дејност, категорија на професии која е прилично застапена во ромската заедница, како и пакетот економски мерки за справување со кризата,  кои се однесуваат на лицата без работен ангажман или лица кои биле дел од т.н. неформална економија со надоместок од 7.000 денари по домаќинство.

Оваа мерка, рече премиерот Спасовски ја искористија 20.000 домаќинства и 30.000 корисници. Во оваа насока е и  програмата „Домашна платежна картичка“ за купување домашни производи, со која се опфатени голем дел од ромските семејства во ризик.

Премиерот зборуваше и за координацијата на Владата со меѓународната хуманитарна помош од која голем дел беше насочена за поддршка на социјално загрозените Роми, и додаде дека и Фондацијата „Отворено општество“, која е традиционален партнер на Владата во спроведувањето на програмите за поддршка на ромската заедница определи 100.000 долари за хуманитарни пакети за најзагрозените ромски семејства во државата и опфати 10.000 граѓани во 2.000 семејства кои живеат во општина Шуто Оризари, Тетово, Гостивар, Битола, Прилеп, Куманово, Делчево, Виница, Пехчево и во други места, кои беа доставени преку Црвениот крст, заедно со локалните ромски невладини организации.

Премиерот Спасовски нагласи дека во однос на пристапот до здравствени услуги за ранливите категории за време на вонредна состојба, Владата донесе Уредба со која им овозможува на сите лица кои не се здравствено осигурени да имаат можност „во здравствените установи да користат здравствени услуги поврзани со дијагностицирање и лекување од коронавирусот КОВИД-19 на товар на средствата на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија“.

На панелот на тема: „Имплементација на Охридскиот рамковен договор; Како да се постигне правична застапеност во услови кога се бара намалување на администрацијата?“, се разговараше за процесот на постигнување на правична застапеност на помалите заедници, при што премиерот Спасовски подвлече дека Владата на Република Северна Македонија, во најголем дел преку Министерството за труд и социјална политика и преку министерот без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите, работи со најранливите категории на лица кои што се соочуваат со најсензитивните проблеми и потреби.

Се разговараше за продолжувањето со имплементирање на проектите, кои се препознатливи во ромската заедница и се во насока на поголема инклузија на децата-Роми во предучилишното образование.  Беше нагласено дека во последните дванаесет години бројот на запишани ученици Роми во средното образование од година во година расте, а во последните дванаесет години расте бројот и на Роми кои по средното образование се запишале на некој од факултетите во високото образование.

„Тоа се податоци што радуваат и што го подобруваат потенцијалот за поголема вклученост и застапеност на претставници на ромската заедница во општествените институции и процеси“, рече премиерот Спасовски, кој посебно нагласи дека оваа Влада особено внимание посвети на вклучување на невработените Роми во активните мерки за вработување, идентификување на лицата неевидентирани во матичните книги на родени и помош при обезбедување на лични документи, за времено згрижување на семејства, кои што се во социјален ризик.

На денешната Панел-дискусија која траеше еден час и половина беше разговарано и за Буџетот, во однос на ромската заедница, при што премиерот Спасовски информираше дека се продолжува со зголемување на буџетот за поддршка на Националната стратегија за Роми, особено во делот на капитални расходи со цел финансирање на инфраструктурни проекти во ромската заедница. И е остварена целосна реализација на планираните средства во рамките на Буџетот, со цел унапредување на позицијата на ромското население.

„Реконструирани се поголем број училишта и градинки во заедниците со мнозинско ромско население, како и во заедници каде што Ромите се дел од локалните заедници.

Денеска, бев во Општина Шуто Оризари, каде најдобро можеме да ја следиме таа трансформација во општинското основно училиште „Браќа Рамиз и Хамид“, оцени Спасовски, кој подвлече дека продолжува интензитетот на градење на инфраструктура и се продолжува со динамиката на сериозни реконструкции како во однос на водоводните и фекалните мрежи така и во однос на подобрување на енергетската ефикасност на објектите и реконструкција на зелените и еколошки површини во рамки на Планот за чист воздух.

Премиерот Спасовски најави и  дека токму во Општината Шуто Оризари  во наредните месеци ќе започне изградба на нова фискултурна сала, хортикултурното уредување на внатрешните и останатиот дел од надворешните паркови и зелени површини, ќе се замени стариот училиштен инвентар со нов, и ќе се опремат училниците се опремуваат градинките, како една од основните грижи за раниот детски развој. 

Во рамки на денешната Панел-дискусија за состојбата на Ромите во државата со претставниците на невладините организации од дијаспората, премиерот Спасовски разговараше и на темата: „Вклучување на дијаспората во општествените процеси во   Република Северна Македонија, подобрување на бизнис климата и искористување на граѓанското право на глас и поддршка на државата во ЕУ процесите“.

На оваа точка говорниците се согласија дека Ромите се целосно рамноправни со сите наши граѓани, ги уживаат сите права, го негуваат својот јазик, ја развиваат својата култура и традиција и активно учествуваат во креирањето успешни политики, преку нивните претставници во централната, извршната но и локалната власт. Беше заклучено дека тие имаат еднаков пристап до сите програми и политики на Владата кои се однесуваат на поддршката на инвестициите на странските, но и на домашните инвеститори.

Премиерот Спасовски истакна дека политиките на Владата во изминатите три години на овој план за прв пат ги направија еднакви и домашните и странските инвеститори и подготвено ја нудат поддршката за сите бизнисмени.

„Од тој аспект, ги повикувам сите, вклучувајќи ги и бизнисмените Роми во странство, да дојдат и да инвестираат во нивните некогашни заедници и да создадат нови работни места. Ромите се дел од нашата држава, се лојални граѓани и тие нè претставуваат и надвор во земјите каде престојуваат. Создаваме услови за да се вратат во својата држава и сите заедно да инвестираме и понатаму и во ромската заедница и во останатите“, рече премиерот Спасовски.

Денешната Панел-дискусија, која се пренесуваше на социјалните мрежи беше искористена и за претставниците на дијаспората да ја пренесе поддршката за евроинтегративните процеси на државата и рамноправна членка на НАТО и беше заклучено дека визијата за Северна Македонија продолжува да се остварува како држава која ги обединува сите етнички заедници.

„Сакам да истакнам дека Владата преку сите механизми создава граѓанска држава, просперитетна, каде нема да се повторуваат изразите на разна омраза, како во минатите години и каде  ромската заедница и сите останати, ќе го имаат заслуженото место. Ромите, одговорно знаат да застанат на страната на државата, да ја покажат својата лојалност и сега и во наредниот период имаме можност да продолжиме да бидеме обединети во градењето и почитувањето на концептот „Едно општество за сите“, како концепт кој нуди јасна визија за сигурност“, оцени премиерот Спасовски на денешната Панел-дискусија на која заедно со претставници на граѓанската иницијатива на Ромите од дијаспората разговараа за продолжување на остварувањата во поглед на подобра економска и социјална иднина на граѓаните на државата.