Анкета за мерење на задоволството на пациентите во јавното здравство

Торакална, Онкологија, Токсикологија  се меѓу 11-те универзитетски клиники од кои пациентите се најмногу задоволни за различни сегменти, а најмногу незадоволство има од услугите и третманот во Клиниката за детски болести, покажува теренската анкета  на Министерството за здравство за мерење на задоволството на пацинетите од јавното здравство, со која во февруари биле опфатени 983 испитаници.

Од хигиената во болниците највисок процент задоволни (72,50) ја посочиле Клиниката за гинекологија, а по неа, според одговорите,  следуваат Онкологија (70 проценти) и Ендокринологија  (62,50 проценти). На лоши хигинески услови најголемо незадоволство има од Детската клиника (36,70), Радиологија (21,10) и Урологија (20 отсто), соопшти министерот Никола Тодоров на прес-конференција.

Стопроцентно задоволни од болничката нега на лекарите се пациентите од Токсикологија и Урологија, 93,3 отсто се задоволни од докторите на Хематологија, а најмногу незадоволни (20 проценти) одговориле за Клиниката за гастро и 4,90 отсто за Гинекологија.

Највисок процент на задоволни (48,90) од времето на чекање за преглед има за Клиниката за онкологија, како и за Хематологија (41,50), а најнезадоволни од чекањето (37,80) имало на Детската клиника, а потоа Гинекологија (30,50) и Радиологија (29,50 отсто).

Од љубезноста на лекарите најмногу има задоволни од Торакална (88 проценти), како и од Онкологија (86 отсто) и Хематологија (82 отсто). Со „воопшто незадоволен“ најмногу одговори (8,20 отсто) имало за Детската клиника.

Од љубезноста на шалтерските службеници најзадоволни има на Торакална, Онкологија и Гинекологија, а воопшто незадоволни на Детска клиника, Хематологија и Инфективна. 

Од 28 различни прашања, 18 се негативни кај Клиниката за детски болести што, според Тодоров, ја оправдува одлуката за смена на нејзините директори.

- Генерален став на сите испитаници е дека во секторот здравство најмногу треба да бидеме фокусирани на хигиената на санитарните јазли и на болничките соби. Следна работа на која треба сериозно да работиме е односот на шалтерските работници и љубезноста на медицинскиот и немедицинскиот персонал - сегменти што покажаа послаби резултати, рече министерот Тодоров.

Тој апелираше директорите на клиниките да направат планови со  конкретни мерки и прецизни рокови за надминување на слабостите. Најави дека повторно ќе ги контролира. Истражувањето на терен ќе продолжи и на другите универзитетски клиники, а потоа и во сите други јавни здравствени установи во Скопје и низ Македонија.